Над 1,4 милиони верници на хаџот во Саудиска Арабија

Повеќе од 1,4 милиони муслимански верници веќе пристигнале во Саудиска Арабија на аџилакот во Мека кој започнува следната седмица, соопштија саудиските власти.

Се очекува дека оваа година на хаџот ќе учествуваат повеќе од два милиона верници, меѓу кои и Иранци кои минатата 2016 година беа отсутни поради дипломатската криза меѓу Саудиска Арабија и Иран, поттикната меѓу другото и поради обвинувањата за големата трагедија којашто се случи претходната година на аџилакот. Според шиитски Иран во оваа несреќа загинале повеќе илјади аџии, додека Ријад официјално потврди неколку стотици.

Аџилакот во Мека е една од петте обврски коишто секој муслимански верник мора да ги исполни барем еднаш во животот, доколку за тоа има можност.

„Околу 1.313.946 аџии веќе пристигнаа по воздушен пат, 79.501 преку копно и 12.477 по морски пат“, извести во четвртокот вечерта службената саудиска новинска агенција SPA.

Меѓу верниците кои веќе допатувале се и 400 катарски аџии, коишто на саудиска територија влегле преку граничниот премин Салве, во екот на кризата меѓу Доха и нејзините арапски сунитски соседи од Персискиот залив, инициран токму од одлуката на Ријад за прекинување на дипломатските односи и целосно територијално блокирање на Катар, поради наводната поддршка за екстремните исламистички групи и приближувањето кон шиитски Ирак, кој е голем регионален ривал на сунитската саудиска монархија.

Оваа криза трае од 5-ти јуни, а на Саудиска Арабија ѝ се приклучија и Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин.

Саудиска Арабија минатата седмица објави дека повторно ја отворила копнената граница со Катар, за да ги пропушти верниците кои сакаат да заминат на хаџот во Мека. Саудиска Арабија објави во март дека може да учествуваат во аџилакот во 2017 година.

Минатата 2016 година на хаџот учествувале 1,8 милиони верници, но на иранските шиитски верници, чијашто бројка се проценува на околу 60.000, учеството не им беше дозволено, имајќи предвид дека Ријад и Техеран не успеаја да се договорат по прашањата за безбедноста и логистиката.

Меѓу другото, Ријад во јануари 2016 година ги прекина дипломатските врски со Иран, откако неговата амбасада во Техеран и уште еден конзулат беа демолирани од толпи луѓе коишто жестоко реагираа на погубувањето на шиитски верски водач во саудиската монархија која исповеда ригиден блик на вехабитскиот ислам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.