Над 1,5 милиони луѓе и повеќе од 130.000 новинари сакаа да го следат натпреварот Аргентина – Панама

Повеќе од 1,5 милиони луѓе се обиделе да купат влезници за првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Аргентина по освојувањето на титулата светски фудбалски шампион.

Билетите за пријателскиот натпревар меѓу Аргентина и Панама се распродадени со рекордна брзина и покрај високите цени во земјата која се бори со зголемената инфлација.

Натпреварот ќе се одигра на 23-ти март на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, најголемиот во земјата со капацитет од 83.000 гледачи. Цените на билетите се движеа од 59 до 241 долари, а се пријавиле повеќе од 1,55 милиони луѓе.

Интересно, натпреварот предизвика и невидена медиумска побарувачка со повеќе од 131.000 барања за акредитации.

„Би сакале да можеме сите да ги задоволиме, но би ни биле потребни уште два стадиона на Ривер само за новинарите. Лудилото по Аргентина е апсолутно“, објави на Twitter претседателот на Фудбалската федерација на Аргентина, Клаудио Тапија.

Пријателскиот натпревар меѓу Аргентина и Панама ќе биде прва средба на „гаучосите“ откако во финалето на Светското првенство во Катар ја совладаа Франција и по 36 години ја освоија титулата светски прваци.