Над 10.000 вработени во МВР ќе минат низ филтрите на ветингот, кои сега се градат, изборите не треба да влијаат на процесот

Над десет илјади вработени во Министерството за внатрешни работи ќе бидат подложени на процесот на ветинг или проверка со цел да се професионализира работата на полицијата и таа целосно да биде вклучена во служба на граѓаните. Процесот е најавуван подолго време, а лани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека ветинг ќе се прави на сите во МВР – од чистачка до министер. Сепак процесот се уште не е почнат, се прави терен за негово спроведување, законот за ветинг се уште не е донесен, а според плановите на работната група предлог-законот треба да биде доставен до април, но овие проекции се правени пред одлуката која ја донесоа лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски – на 12 април да се оди на предремени парламентарни избори.

Формирана е работна група, составена од експерти од МВР, академски соработници, претставници на неавладиниот сектор, на ОБСЕ, американската Амбасада, поканети се и претставници на делегацијата на ЕУ и на британската Амбасада. Процесот се гради детално, бидејќи станува збор за обемна активност, која во никој случај не смее да ја закочи работата на полицијата додека се спроведува. Мора да се соработува со сите институции, бидејќи е потребна размена на информации, а за таа цел е потребен брз ефикасен електронски систем за размена на податоци.

Се градат методологијата и начинот на кој ќе се спроведува – од една или неколку комисии, но крајната цел е Министерството за внатрешни работи со тек на време самото да има капацитет да се грижи за тоа кого ангажира во своите редови.

Ветингот своевидно „проветрување“ во МВР

Првата работна група беше формирана во август и таа имаше задача да предложи методологија односно постапка за спроведување на ветингот во МВР до 1 октомври. Нејзините членови требало на Владата да и достават информации и предлог план за спроведување на проверките во Министерството, што е завршена работа.

-Мислам дека направивме многу добра работа, направивме исчекор од земја која нема искуство во однос на проверките не само во МВР, туку и генерално во државниот апарат не постои такво искуство. Ги собравме најдобрите искуства и од Албанија, но и од Велика Британија и добивме одредени сознанија за спроведување на ветингот во САД, но рано е да дискутираме точно и прецизно во која насока ќе се спроведуваат проверките, дали ќе има комисија, дали тоа ќе биде една комисија или ќе бидат некоку подкомисии се уште е рано, појаснува за МИА претседателот на работната група, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Појаснува дека групата што сега ќе започне со своите активности има цел да подготви предлог-закон за спроведување проверка на вработените во МВР и да подготви акциски план со конкретни датуми во кои одредени активности би се спроведувале.

-Таа комисија сигурно нема да биде оваа работна група, туку ќе биде друго тело. Првиот ветинг во Велика Британија, па веројатно и во Албанија е спроведен од комисија составена од вработени во МВР и од надворешни лица, меѓународен фактор, академска заедница. Но овој процес е континуиран, тоа е процес, кој ќе ја надмине нашата кариера и затоа е важно првиот да биде спроведен од мешовита работна група или комисија, а потоа овој процес да се предаде на МВР и тоа самото да има капациет самостојно да си ги прочистува своите редови врз основа на реални мерливи и остварливи критериуми кои ќе бидат предвидени за ветинг, појаснува за МИА претседателот на работната група, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Нагласува дека ветингот подразбира проветрување во МВР, утврдена е потребата дека вработените треба да поминат низ одреден процес на проверка на интегритетот со којшто ја извршуваат полициската работа, потоа во однос на нивната професионалност и нивната имотна состојба,

-Како државни службеници  тие имаат ограничени приходи и ќе се провери во соработка со другите државни институции која е имотната состојба на полициските службеници. Дали таа е сразмерна со примањата што ги имаат во МВР, додава тој.

Магдалена Лембовска од Евротинк во изјава за МИА потенцира дека ветингот во МВР треба да претставува процес на проверка во однос на професионалниот и личниот интегритет кој на крајот треба да резултира со „прочистување” на полицијата од лица кои ги немаат потребните квалификации, биле подложни на корупција или имаат контакти со криминалци и криминални групи.

-Во моментот немаме јавно достапни материјали за методологијата на ветингот, но истиот треба да опфати оценка на имотната состојба пред и после стапувањето на должност во МВР, безбедносна проверка, како и проверка на квалификациите во однос на конкретното работно место. Сето тоа подетално ќе треба да биде разработено во закон кој ќе ги утврди критериумите, динамиката, критериумите за избор на членовите на комисијата која ќе го спроведува и останатите аспекти, додава таа.

Моменталната состојба во МВР

Бројот на вработени во МВР е над десет илјади, а работната група досега презела одредени чекори за скенирање на состојбата. Ги информирале вработените во Министерството, ги посетиле речиси сите сектори за внатрешни работи, а тие што не ги посетиле ќе ги посетат во наредните неколку недели за да ги информираат за каков процес станува збор.

-Во моментот испитуваме каква е сегашната состојба во Министертвото за да можеме да процениме во која насока треба да одиме во проверките за сите три основи. За тоа каква е реалната сегашна состојба, немаме конечни резултати бидејќи немаме алатка како да ги провериме, но сигурно додека го подготвиме конечното законско решение ќе мора да имаме и такви податоци за да не одиме со скок во празно и да се соочиме со голем проблем кој ќе влијае директно на редовното и нормалното функционирање на МВР. Како еден од принципите што ги утврдивме е дека овој процес ќе биде добар за МВР, но никако не смее да влијае на неговата секојдневна работа, нагласи Дујовски.

Лембовска потенцира дека на ветингот мора да му претстои добра подготовка со цел да ги адресира проблемите кои во Министерството се дефинирани како проблем.

-Но не е доволно само да се направи проверка на вработените, туку и да се отстранат системските недоследности кои овозможиле во полицијата да се вработат и да напредуваат лица без личен и професионален интегритет. На пример, една од најголемите слабости е немањето на соодветни политики и акти за дефинирање, а камо ли за спречување на конфликт на интерес во полицијата. Освен за вработувањето на нови полициски службеници на најниско ниво, постапките за вработување во Министерството се сосем нетранспарентни и врз основа на висок степен на дискреција, што е во директна корелација со високиот ризик од корупција, вели таа.

Според неа потребно е да се изготви и редовно да се ажурира регистар и проценка на ризици од корупција во различни оддели во полицијата кој ќе служи како основа за развој на политики за спречување на корупција со конкретни задачи, а не само декларативни заложби како досега. Во кратки црти, анализите на невладиниот сектор, но и оценките на ГРЕКО укажуваат дека треба уште многу да се работи на ова поле.

Лембовска потенцира дека доколку се спроведе внимателно ветингот не би требало да има застој, а откако ќе се заврши треба всушност да го подигне нивото на професионалност и ефикасност на полицијата.

-Сепак, треба да се има предвид дека МВР ќе остане без дел од своите вработени и затоа е потребен план за тоа кога и како ќе се пополнат испразнетите работни места, а притоа да не се злоупотреби процесот за вработување или прераспределување на други „подобни” кандидати. Според мене, процесот треба да се спроведува одгоре надолу, односно најпрво да ги опфати оние кои се на највисоки раководни позиции. Токму тоа ќе биде тестот кој ќе покаже дали навистина ќе станува збор за суштинска проверка од која никој нема да биде поштеден или само козметичка реформа каде ќе настрадаат само најниско рангираните.

Тројца пратеници како набљудувачи во работната група

Работната група беше составена исклучиво од професионалци од МВР, претставници од академската заедница, од НВО секторот се вклучени ри организации – Транспаренси Македонија, Хелсиншки комитет и Здружението на млади правници, има претставници од ОБСЕ и Американската амбасада, а има предлог да се вклучат и претставници на Делегацијата на ЕУ и на Британската амбасада.

-Сфативме дека е време  за ова сериозно да почнат да размислуваат и политичарите и со цел да го заштитиме процесот од какви било политички влијанија поканивме, се обративме до Собранието да делегира тројца пратеници. Кога и како ќе одлучи Собранието, во тоа не навлегуваме. Очекуваме наскоро да добиеме информација дали и кои пратеници би се вклучиле наскоро во својство на набљудувачи. Тоа е важно за процесот, за транспарентноста и за граѓаните, нагласува Дујовски.

Лембовска вклучувањето на политичките партии повеќе го гледам како покажување на политичка волја за инклузивност на процесот што треба да биде своевидна гаранција дека нема да дојде до злоупотреба на процесот од страна на владејачката политичка партија.

-Но иронично е да зборуваме за спроведување на ветинг чија цел е да доведе до професионализација и деполитизација на полицијата, а легитимитетот на процесот да зависи од политичките партии. Комисијата за одбрана и безбедност треба да одигра своја улога како матична парламентарна комисија, но не преку директно учество во процесот, туку треба да преземе одговорност за квалитетот на законот, како и користење на постоечките парламентарни механизми за надзор и барање на отчетност од извршната власт, додава таа.

Ветинг и предвремени избори

Плановите на работната група биле законот да го предложат до април, но во меѓувреме се најавени предвремени избори. Сепак Дујовски нагласува дека ветингот е процес кој треба да се гледа над сите овие политички случувања и дека без разлика на изборите треба да се турка понатаму.

-Собранието во период на избори нема да работи и нема да носи закони и ова ќе остане прашање кое ќе го решава наредната влада. Јас воопшто не сум загрижен за тоа, нашата работа и обврска од Владата е да го подготвиме процесот, кој ќе го спроведува и на кој начин останува да видиме понатаму. Во овој момент и во оваа фаза нам не ни е потребна политичка поддршка, ниту какво било мешање на политичарите. Станува збор за многу јасен и професионален процес кој има за цел да му помогне на МВР да ги професионализира своите редови. Добро е што идејата и предлогот доаѓаат од внатре, согледано е дека професионализацијата и интегритетот на полициските службеници биле доведени во прашање изминатиот период  можеби подолго од две децении и затоа јас апсолутно не сум загрижен кој ќе го води МВР затоа што повеќе станува збор за технички процес, кој ако се спроведе на високо ниво ќе им остави простор не само на МВР, туку и на другите институции кои имаат потреба од ваков процес, појаснува тој.

Лембовска нагласува дека предвремените избори и тоа како ќе направат застој во реформите кои се во тек, а посебно во однос на ветингот кој како процес е на самиот почеток.

-Јас се сомневам дека ќе успееме да донесеме закон за ветинг до распуштањето на Собранието, а уште полошо би било да се донесе закон во избрзана постапка, без поширока јавна дебата и консензус за начинот на кој истиот ќе се спроведува. Промената на највисокото политичко раководство е дополнителна кочница. Ако се има предвид дека целта на техничката влада е да оневозможи злоупотреба на МВР за партиски цели во предизборниот период, очекувано е најголемиот фокус на новото раководство да биде токму врз организацијата на изборите. Од друга страна, со оглед на тоа што ветингот е еден од клучните проекти за кој се залага и позади кои стои актуелниот министер, не верувам дека би го препуштил да се спроведува под капата на технички министер од опозицијата, смета таа.

Не е можен ветинг без електронско поврзување на институциите 

Процесот на ветинг во МВР не може да се спроведе без ефиканска соработка со другите државни институции. Потребна е брза и ефикасна размена на информации, особено во делот за имотната состојба, а во моментов единствената институција, која се занимава со тоа е Државната комисија за спречување на корупцијата.

-И сега ќе имаме ситуација во која  сите вработени во МВР и оние кои се на раководни позиции, а не се вработени во МВР како министерот за внатрешни работи, неговиот заменик, директорот на БЈБ, државниот секретар, заменик директорот итн, буквално сите да поминат низ процес на проверка. Кога на таа бројка ќе се додаде бројката на државни функционери ќе стане збор за навистина сериозен суштински процес само на проверка на имотната состојба. Сигурно ќе се појави потреба кај одреден број на полициски службеници да се оди и во испитување на имотната состојба, а не само на проверка односно спроведување на анкетниот лист со реалната фактичката состојба од 17 различни институции, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Катастарот на недвижности и други, потренцира Дујовски.

Сето ова, нагласи тој, може да предизвика големи пречки во спроведувањето особено имајќи предвид дека постапката за проверка трае премногу долго. Додава дека институиците немаат електронски систем кој ќе помогне за брза, точна и квалитетна размена на податоци.

Дујовски нагласи дека се во фаза да се отвори простор во идниот електронски систем на ДКСК да се поврза и МВР за да може тој дел од проверките да ги прави квалитетно.

-Затоа што процесот нема да има смисла ако остане како што е сега, а тоа е одење пеш од институција до институција. Ќе биде невозможно без електронски софтвер да се прават проверките. Роковите се утврдени, оваа работна група ќе има обврска во наредните неколку месеци да подготви законско решение, да го достави до министерот за внатрешни работи, потоа владината процедура и сето тоа да заврши некаде отприлика во времето кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Како професионалци кои учествуваме во работата на ова тело не гледаме низ призма на изборите, ќе продолжиме со нашата работа, нагласува Дујовски.

Истакнува дека сега можеби по половина година трае проверката за еден функционер. -Замислете на таа бројка да се надоврзат и оние над 10.000 вработени во МВР кои ќе треба да поминат. Токму затоа во предлагањето на законското решение ние ќе бидеме особено внимателни и нема да предложиме почеток на постапката додека се не биде подготвено, вели Дујовски.

Со оглед на трите критериуми по кои ќе се прави ветингот потенцира дека тоа ќе значат три различни  бази на податоци – за полициски интегритет, професионализацијата и имотна состојба.

-Најобемниот процес е проверката на испитувањето на имотот и исто така мора да бидат строго заштитени, ниту политиката, ниту која било друга надворешна сила да може да влијае на него. Потребно е квалитетно решение, кое ќе биде одржливо затоа што какво било надворешно влијание врз процесот ќе биде негов неуспех, додаде Дујовски.

ДКСК во моментов е во фаза на подготовка на постапка за јавна набавка за софтверско решение за што имаат поддршка од УСАИД, а Дујовски вели дека до крајот на следниот месец треба да заврши таа процедура.

-Доколку како професионалец ме прашате дали сега, денес, утре ние имаме капацитет да спроведуваме ветинг ве уверувам дека немаме. Тие капацитети допрва треба се градат, нагласува тој.

Примери од соседството 

Најблизок и најсвеж пример е ветингот во Албанија, искуствата, кои, како што напомена Дујовски го користи и нашето МВР.

Во Албанија процесот започна во 2016 година со ветинг во судството, а законот за ветинг во полицијата се донесе минатата година така што процесот се уште е во тек.

Лембовска нагласува дека една од клучните забелешки во Албанија е изборот на комисијата која ги прави проверките, бидејќи критериумите за ветинг на судството беа далеку построги од оние за ветинг на полицијата.

-Исто така се забележува за голема инволвираност на министерот за внатрешни работи, за разлика од ветингот на судството кој беше под силен меѓународен мониторинг. Сепак, нивното искуство покажува дека се работи за долг и комплициран процес, а високата стапка на организиран криминал и корупција која е присутна во Албанија покажува дека ќе биде потребен долг период за да се видат резултатите, но и дека ветингот сам по себе е само еден чекор кон професионализација и воспоставување на доверба во кривично правниот систем, нагласува Лембовска за МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.