Над 120 деца учествуваа во Бадниковата поворка во Кочани

Над 120 дечиња и млади, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, утрово учествуваа во Бадниковата поворка во Кочани, во рамки на одбележувањето на Христовото раѓање – Божик.

Манифестацијата се одржа по двегодишен прекин поради Ковид пандемијата, а поворката тргна од православниот храм „Свети Великомаченик Георгиј“ и продолжи по улиците во централното градско подрачје. На младите бадникарчиња им се придружија поголем број верници и граѓани, по што заедно се упатија пред зградата на Општина Кочани, каде ги пречека градоначалникот Љупчо Папазов со своите соработници.

-Благодарам за овој возвишен чин што го приредувате за нашите сограѓани и што ја продолжувате традицијата што беше воспоставена од неодамна. Посакуваме таа да трае уште долго, а вашите помлади другарчиња и вашите наследници да ја продолжат и во следните години. Нека е за многу години и нека има здравје и среќа, истакна градоначалникот Папазов.

Бадниковата поворка во Кочани годинава се одржа по трет пат, а за сите учесници во неа Локалната самоуправа на Кочани обезбеди коледарски подароци. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.