Над 20 кинески борбени авиони влегле во просторот на Тајван

Даваесет и еден борбен авион на кинеските воздухопловни сили навлегле во Зоната на идентификација на противвоздушната одбрана на Тајван (ADIZ), соопшти во вторникот вечерта тамошното министерство за одбрана во заднината на крајно ескалираните тензии меѓу Кина и САД поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на островот кој Пекинг го смета за своја одметната покраина.

Тајванската противвоздушна одбрана прецизира дека во операцијата на кинеската воена авијација учествувале осум ловци од моделот „Ј-11“, десет повеќенаменски ловци „Ј-16“, авион за далечинско откривање и координација „КЈ-500“, авион за електронско војување „Y-9“, како и авиони за електронски разузнавање од моделот „Y-8“.

Тајванската команда испратила воздушна патрола да го следи движењето на кинеските авиони, а биле ставени во зголемено ниво на приправност системите за противвоздушна одбрана, се наведува во соопштението.

Малку претходно Кина најави „насочено дејствување“ на својата армија како одговор на слетувањето во Тајпеј на Пелоси која и покрај сите предупредувања на Пекинг сепак допатува на Тајван.

Целта на воените операции е „решително да се брани државниот суверенитет и територијалната целост и решително да се спречи вмешувањето однадвор и сепаратистичките обиди насочени кон ‘независноста на Тајван’“, соопшти Ву Чијан, портпарол на кинеското министерство за одбрана и додаде дека кинеската армија е ставена во состојба на висока приправност.

Од командата на Источната зона на кинеската армија најавиле дека во вторникот вечерта ќе започнат низа воени операции во близина на Тајван. Маневрите, покрај другото, вклучуваат и боево гаѓање на долги дистанци во водите на Тајванскиот теснец, како и тестирање на ненуклеарен проектил, објави весникот Global Times.

„Источната зона на борбената команда на кинеската армија континуирано спроведува заеднички воени операции околу островот Тајван“, објави кинеската државна телевизија CCTV, според која поморски и воздушни маневри се изведуваат на север, југозапад и југоисток од Тајван.

„Во Тајванскиот теснец ќе биде изведено борбено гаѓање на долга дистанца, а во источниот морски дел од островот ќе бидат спроведени редовни тестирања со наведувани гаѓања“, се додава во прилогот на CCTV.

Гу Жонг, заменик на началникот на штабот на Источната зона на борбената команда на кинеската армија во програмата на CCTV рече дека војската „верува дека ќе одговори на Тајван“ во случај на провокации во текот на воените маневри во близина на островот.

„Ги предупредуваме недобронамерните на Тајван и оние кои помислуваат на сепаратизам дека Источната борбена командна зона на армијата е полна со верба и има капацитет да го зачува националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, рече Гу Жонг.

Кина претходно објави дека следните четири денови во водите наспроти Тајван ќе спроведува големи воени маневри. Кинеската армија не открива кои видови војска ќе бидат ангажирани, а исто така не прецизира како вид маневри ќе бидат спроведувани.

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји претходно во вторникот рече дека американските политичари „си играат со оган“ кој станува збор за статусот на Тајван, и дека „тоа нема да излезе на добро“. Белата куќа, пак, одговори дека САД сметаат дека посетата на Пелоси на Тајван не претставува кршење на суверенитетот на Кина и отстапување од принципот „една Кина“, иако таква посета на висок американски функционер не е направена од 1979 година, и истакна дека Вашингтон нема да биде „заплашен од кинеската реторика“.