Над 300 пратеници од светот бараат отпишување на долговите за сиромашните земји

Повеќе од 300 пратеници од целиот свет денеска ги повикаа Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка да го отпишат долгот кон најсиромашните земји како одговор на пандемијата Ковид-19 и да ги зголемат финансиските средства за спречување глобален економски колапс.

Иницијативата, предводена од поранешниот претседателски кандидат на САД и сенатор Берни Сандерс, и демократскиот пратеник од Минесота, Илхам Омар, доаѓа во услови на зголемена загриженост дека пандемијата ќе ги уништи економиите на земјите во развој.

Рестриктивните мерки воведени заради спречување на ширењето на пандемијата предизвикаа големи штети на глобалната економија, посебно на сиромашните земји со слаб здравствен систем, високо ниво на долг и сиромашни ресурси за управување и со здравствената и со економската криза.

Сандерс вели дека на сиромашните земји им треба секој цент за да се грижат за својот народ, наместо да ги сервисираат „неодржливите долгови“ што ги имаат кон големите меѓународни финансиски институции.

– Олеснувањето на долговите за најсиромашните земји е најмалку што Светската банка, ММФ и другите меѓународни финансиски институции треба да направат за да спречат незамисливо зголемување на сиромаштијата, гладот ​​и болестите што им се закануваат на стотици милиони луѓе, рече тој.

Пратениците од повеќе од 20 земји од сите шест континенти во писмото до меѓународните доверители порачаа дека обврските за сервисирање на долговите на најсиромашните земји треба да бидат укинати веднаш, а не одложени, како што беше договорено на средбата на лидерите на Групата на 20 најразвиени земји во април.

Законодавците предупредуваат дека доколку тоа не се направи, тогаш тие земји нема да можат да дадат приоритет на неопходната борба против вирусот.