Над 40 пријавени за фаќање на крстот во Вардар во Скопје, утре е последниот рок за пријавување

818

Повеќе од 40 луѓе досега се пријавиле да учествуваат во традиционалното фаќање на крстот в петок на Богојавление – Водици во Вардар во центарот на Скопје.

Пријавувањето почна на 10-ти и ќе трае до утре, 17 јануари. Од Скопската епархија, која трета година го организира пријавувањето на фаќачи на светиот крст, велат дека досега се пријавиле 44 кандидати, меѓу кои има и женски.

Најголем одѕив има во последните денови, така што очекуваат денеска и до утре попладне, кога завршува пријавувањето, бројот на заинтересирани учесници да биде уште поголем.

Кандидатите може да се пријават во Скопската епархија до Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и треба да поминат лекарски преглед во Спортска медицина.

Спуштањето на крстот во водите на Вардар на 19 јануари ќе почне во 12 часот од мостот кај хотелот „Холидеј ин“ и ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.

Претходно, во 9 часот, архиепископот г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а потоа богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде што ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.