Над 450 компании подготвени да обезбедат пракса за средношколците од стручните училишта

Премиерот Зоран Заев денес во Тетово беше гостин на дебатата која ја организираше Министерството за образование со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Македонија.

Темата на дебатата беше реформата во образованието со посебен аспект на стручното образование под слоганот: „Учи паметно, работи стручно“.

-Владата на Република Македонија како дел од своите приоритетни агенди во својата програма го стави и социјалниот дијалог преку кој ќе ги идентификуваме потребите на пазарот на труд и ќе направиме модификации во образовниот систем. Ова го правиме за да ја намалиме хиперпродукцијата на непродуктивни кадри, и за да го стимулираме образованието, насочувањето и градењето на високостручни кадри. Кадри кои веднаш се подготвени да одговорат на современите потреби на новата македонска економија. Овој социјален дијалог помеѓу сите страни кои директно и индиректно се вклучени во овој процес е круцијален за да може да носиме одлуки базирани на факти, а не на претпоставки, истакна премиерот Заев на дебатата.

Заменик-министерот за образование, Арафат Шабани во своето излагање истакна дека Министерството за образование и наука е во процес на усогласување на наставните програми кои се работат како одговор на потребите на бизнисот секторот.

-Низ настава комбинирана со пракса да одговориме на долгогодишните барања на реалниот сектор за потребата од одредени профили, но и да ја зголемиме вработливоста на младите на локално ниво. Во учебната година 2021/2022 се очекува дека приближно 10.000 ученици ќе имаат побарувања за реализација на учење преку работа во компаниите, а од 2022/2023 таа бројка на ученици ќе биде приближно 20.000 ученици. Целта на новиот концепт учење преку работа во Република Македонија e да се обезбеди училиштата, работодавачите и институциите да започнат со воедначен пристап во имплементацијата на учењето преку работа, посебно за училиштата во кои се пилотираат трите квалификации, но и да помогне во реализацијата на феријалната практика, нагласи заменик министерот за образование Арафат Шабани.

На дебатата во која учествуваа и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер, градоначалничката на Тетово Теута Арифи, и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа, како и гости од средните стручни училишта и бизнис заедницата се разговараше и околу досегашната успешна соработка со бизнис секторот во која се издвои информацијата дека повеќе од 450 компании до сега се подготвени да обезбедат веднаш пракса за средношколците од стручните училишта во државата.

Преку отворен дијалог и реформа која се спроведува низ отворена и инклузивна дебата ќе биде овозможено обезбедување на квалитетни кадри кои брзо и едноставно ќе се вклучат на пазарот на работна сила и активно ќе учествуваат во градењето на современата македонска економија.

Серијалот дебати е помогнат од страна на Швајцарската амбасада која издвојува финансиски средства за овие програми и реформи и е активен чинител со своите искуства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.