Над 450 лица загинаа во топлотен бран во Пакистан

Над 450 лица загинаа од високите температури што го зафатија Карачи, најголемиот град на Пакистан, и другите области во јужната провинција Санд, соопштија официјални пакистански претставници, пренесува Танјуг.

Според здравствените служби, најмногу луѓе умреле во Карачи, град од 20 милиони жители, каде претходните денови температурата достигнуваше и до 45 степени Целзиусови, пренесува Ројтерс .

Во јуни 1979 година во овој град беа регистрирани 47 степени Целзиусови, што е највисоката измерена температура во Карачи. Тогаш во градот починаа повеќе од 200 лица, повеќето како последица на топлотен удар и од дехидрирање.

Метеоролозите и натаму предвидуваат топло време, а дури кон крајот на неделата се очекува мало разладување.  Освен со топлото време, граѓаните на Карачи имаат проблеми  со честите прекини на струјата поради што во повеќе населби се одржаа протести.

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф ги предупреди електричните компании дека нема да го толерира исклучувањето на струјата во текот на Рамазан – месецот на пост.

Универзитетот во Карачи заради високите температури за еден месец ги одложи сите испити на факултетите.