Над 50 милиони евра оставиле граѓаните за 1,5 милиони ковид тестови во приватните лаборатории: Анализа на „Пари“

Повеќе од 50 милиони евра оставиле граѓаните во приватните лаборатории за да направат околу 1,5 милиони тестови за корона од почетокот на пандемијата па до сега. Ова го покажува една груба пресметка, ако се земе просечна цена на ПЦР тестови од 2.800 денари, кои учествуваат со две третини во вкупниот број на тестови, покажуваат податоците за ковид тестирањата во земјава кои ги објави порталот „ПАРИ“.
Имено, на почетокот на пандемијата, ПЦР- тестовите се правеа и по цени од 6.000 денари, потоа најчесто се споменуваше цена од 2.500 денари, за подоцна, како нова лабораторија, најниски промотивни цени донесе „Никоб-лаб“ од 1.000 денари. Брзите антиген тестови, кои учествуваат со една третина во вкупниот број на направени тестови, беа по пониски цени, околу 1.000 денари во просек.
Пресметка: 1.000.000 ПЦР-тестови по 2.800 денари + 500.000 по 1.000 денари = 3.300.000.000 денари ( 53,6 милиони евра).

Моменталните цени на тестови за Ковид во приватните лаборатории:
PCR         РАПИД АНТИГЕН ТЕСТ
Биотек          2.000 ден   1.000 ден.
Никоб Лаб    1.400 ден    1.000 ден.
Авицена       2.000 ден.    900 ден.
Систина        1.900 ден.   900 ден.
Жан Митрев 2.200 ден.   1.500 ден.

Податоците покажуваат дека за повеќе од 2 години се направени 2.013.928 тестови за ковид. Притоа, само 528.496 теста се направени во државните здравствени институции, 9 резултати се заведени од странски лаборатории, а дури 1.485.423 се направени во приватни лаборатории. Или, изразено во проценти, во државното здравство се направени 26,2 отсто од сите тестирања за корона вирусот, додека дури 73,8 проценти од тестирањата се извршени во приватниот здравствен систем!

Од здравствен аспект пак, бројките покажуваат дека од вкупниот број на тестирања (2.013.928), позитивни биле 309.310, односно 15,3 проценти од тестираните граѓани.
Што се однесува до структурата на ковид – тестовите, 1.361.996 се PCR- тестови, а 651.932 се рапид антиген тестови.

Во јавното здравство во однос на ковид-тестирањата на прво место е Институт за јавно здравје – Вирусологија, каде се направени 317.122 тестирања. Всушност, поединечно олку тестови нема направено ниту една приватна лабораторија. На второ место е Центарот за јавно здравје – Битола со 41.039 тестирања, а на трето е ЦЈЗ со 38.599 направени тестови.

„Никоб лаб“ со најмал работен стаж, а ги претрка другите лаборатории. „Никоб Лаб“ почна со работа од мај минатата година. Но, она што веднаш паѓа во очи е дека оваа нова лабораторија за една година речиси успела да ја стигне по бројот на тестови на најдобрата по успех „Биотек“. Ова не е за изненадување, ако се земе во првид фактот што е познат во јавноста, а тоа е дека лабораторијата уште на самиот старт од својата работа настапи со цени пониски од својата конкуренција.