Над  52.000 Германци со петиција го повикуваат Шолц на преговори за Украина

Повеќе од 52.000 луѓе од претпладнето до петокот вечерта ја потпишаа петицијата со којашто се повикува германскиот канцелар Олаф Шолц наместо зголемувањето на испораките на оружја за Украина да иницира преговори за запирање на војната.

Така, оваа иницијатива стана една од најбрзо и најпотпишуваните петиции на Change.org., а нејзиниот лимит се 75.000 потписници.

Петицијата, насловена „Манифест на мирот“, беше објавена во петокот наутро на change.org. Иницијатори на документот беа пратеничката од Левичарската партија Сара Вагенкнехт и познатата германска новинарка, основачот на магазинот Emma, Алиса Шварцер.

Меѓу оние кои го потпишаа документот се познати германски политичари, писатели, новинари, културни дејци, уметност и наука.

Петицијата ја потпиша и копретседателот  на опозициската десна евроскептична и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), Тино Крупала.

„Ја потпишав оваа петиција за мир. Кога станува збор за мирот, партиските ограничувања не смеат да бидат бариера. Илјадници сѐ уште не се потпишани. Затоа, потпишете се и вие“, објави Крупа на својот Twitter профил.

Авторите на документот за медиумите изјавија и дека на 25-ти февруари имаат намера да одржат митинг за поддршка на нивната иницијатива во центарот на Берлин.

Наведувајќи во текстот дека досега во војната се убиени „повеќе од 200.000 војници и 50.000 цивили, силувани се жени, трауматизирани деца и цел еден народ“, оценуваат дека доколку борбите продолжат со ист интензитет како и веќе цела година Украина наскоро ќе остане без население, уништена земја.

Алис Шварцер и Сара Вагенкнехт, исто така, истакнуваат дека и многу жители во Европа стравуваат од проширување на војната и безбедноста на своите семејства.

„На украинското население брутално нападнато од Русија му треба нашата солидарност. Но, што би била солидарноста сега? Уште колку ќе има борби и умирање на бојното поле во Украина? И сега, една година подоцна, која е всушност целта на оваа војна? Германската министерка за надворешни работи (Аналена Бербок од помалиот коалициски партнер Зелените – з.р.) неодамна изјави дека „ние“ водиме „војна против Русија“.Сериозно?“, наведуваат авторките на петицијата.

Авторките натаму истакнуваат дека украинскиот претседател Володомир Зеленски не ја крие својата цел и оти сега „по ветените тенкови, бара и борбени авиони, ракети со долг дострел и воени бродови (подморници од Германија – з.р.) за да ја гаѓа Русија насекаде?“. Наведувајќи ги изјавите на канцеларот Шолц дека Германија нема на Украина да ѝ испорачува борбени авиони ниту копнени трупи, авторките на петицијата, сепак, прашуваат „колку последниве месеци се веќе минати црвените линии?“.

Предупредуваат и на изјавите од Москва дека Русија ќе започне со невидена офанзива доколку биде нападнат црноморскиот полуостров Крим и прашуваат „Дали тогаш ќе се придвижиме кон свеска или нуклеарна војна?“.

„Тоа нема да биде првата голема војна којашто започнала на овој начин. Но тоа може да биде последната“, стравуваат Шварцер и Вагенкнехт.

„Поддржана од Западот, Украина може да победи во поединечни битки. Но, не може да победи во војна против најголемата нуклеарна сила во светот. Така вели и највисокиот воен функционер на армијата на САД, генералот Мили. Тој зборува за ќорсокак во кој ниту една страна не може да победи воено, а војната може да се заврши само на преговарачката маса. Тогаш зошто да не сега? Веднаш!“, апелираат тие во петицијата

„Преговарањето не значи предавање. Преговарањето значи правење компромиси од двете страни. Со цел да се спречат уште стотици илјади смртни случаи и уште полошо. Така мислиме и ние, и така мисли половина од германското население. Време е да нѐ слушнете!“, се порачува натаму во петицијата.

На крајот го повикаат германскиот канцелар да го запре зголемувањето на испораките на оружје за Украина и да иницира преговори

„Ние граѓаните на Германија не можеме директно да влијаеме на Америка и Русија или на нашите европски соседи. Но, можеме и мораме да бараме одговорност од нашата влада и канцеларот и да го потсетиме на неговата свечена обврска… Го повикуваме канцеларот да ја запре ескалацијата на испораките на оружје. Сега! Тој треба да води силен сојуз за прекин на огнот и мировни преговори и на германско и на европско ниво. Сега! Затоа што секој изгубен ден чини до 1.000 човечки животи – и нѐ носи поблиску до трета светска војна“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.