Над 550 жртви во поплавите во Пакистан

Поплавите предизвикани од невидено обилните монсунски дождови усмртиле најмалку 549 лица во Пакистан во текот нај јули, а најтешко погодени се оддалечените заедници во провинцијата Балучистан на југозападот на земјата, соопшти во петокот владината агенција.

Службите за итни реакции и пакистанската војска организираа помош и поставија привремени кампови во регионите погодени од поплавите и работат на помош во преместувањето на семејства и доставувањето на храна и лекови.

Во поплавите оштетени се повеќе од 46.200 куќи, соопшти во петокот Агенцијата за управување на национални катастрофи (NDMA).

„Правиме сѐ што е во наша моќ да пружиме сеопфатна помош и рехабилитација на жртвите од поплавите“, изјави премиерот Шебаз Шариф во текот на посетата на погодените области.

Од друга страна, пак, покраинската влада на Балучистан соопшти дека ѝ се потребни уште средства и оти им се обратила за помош на меѓународните организации.

„Нашите загуби се огромни“, изјави главниот покраински министер Абдул Кудос Безењо. Во секој округ има недостиг од храна, додека некои окрузи се отсечени од остатокот на провинцијата имајќи предвид дека поплавата уништила повеќе од 700 километри патишта, додал. Според него, провинцијата има потреба од „голема помош“ од владата и од меѓународните хуманитарни агенции.

Изминатиот јули бил највлажниот во последните три децении, со повеќе од 133 отсто дождови во споредба со просекот за последните 30 години, соопштија од NDMA. Балочистан, кој граничи со Иран и Авганистан, имал дури 305 отсто повеќе врнежи од годишниот просек, додаваат од оваа агенција за катастрофи.