Над 600.000 починати од коронавирус во светот

Бројот на починати од инфекција со коронавирус во светот се искачи на над 600.000 лица. Според последните податоци, во светот досега се регистрирани 14.272.800 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 601.062, а оздравеле 8.522.788 луѓе.

Првиот случај беше пријавен во Кина на почетокот на јануари и беа потребни три месеци да се премине прагот од еден милион.

Зголемувањето на бројот на заразени од 13 на 14 милиони траеше само четири дена.

Светската здравствена организација синоќа објави рекордно зголемување на новите инфекции со коронавирус за еден ден од над 237 илјади. За 24-часовен период, 237.743 случаи биле потврдени на глобално ниво.

Претходниот рекорд – 230.370 нови инфекции датира од 12 јули.

Најголемо зголемување во изминатите 24 часа е регистрирано во САД, Бразил и Република Јужна Африка.