Над 90 мртви во протести во Етиопија поттикнати од смртта на популарен пејач

Повеќе од 90 луѓе се убиени во Етиопија во текот на протестите кои ги поттикнало убиството на популарен пејач, пренесуваат во четвртокот државните медиуми.

Етиопскиот пејач Хачалу Хундеса беше застрелан во главниот град Адис Абеба во понеделникот вечерта. Неговите обижаватели и приврзаници тврдат дека го усмртиле безбедносните сили и дека станува збор за „политички мотивирано“ злосторство.

Во покраината Оромиа загинало 81 лице во текот на насилните протести предизвикани од убиството, соопшти шефот на регионалната полиција за провладиниот протал Walta Info.

Осум цивили и двајца полицајци се убиени во Адис Абеба од почетокот на протестите, пренесе државната телевизија повикувајќи се на полициски извори.

Хачалу во меѓувреме во четвртокот утрото беше погребан во родниот град Амбу, во централната покраина Оромиа. Погребан е според обредот на Етиопската православна црква со остри безбедносни мерки. На помал број луѓе им било дозволено да присуствуваат на погребот.

Многумина се поистоветуваа и ја поврзуваа музиката на Хачалу со целите на етничката група Оромо, поединечно најбројната во мултиетничка Етиопија, чиишто припадници со години протестираат сметајќи дека владата ги занемарува.