Над 900.000 Грци биле без работа повеќе од една година

Над 900.000 Грци не можеле да најдат работа повеќе од 12 месеци, а целосно отстранети од пазарот на трудот се други 300.000 лица, најмногу млади, кои никогаш не успеале да се вработат, покажуваат податоците на грчката статистичка служба за четвртото тромесечие од минатата година.

Во периодот октомври-декември 2014 година вработени биле 3.535 274, а невработени 1.245 854 луѓе. Тогаш невработеноста изнесувала 26,1 отсто, наспроти 25,5 проценти за претходното тромесечие и 27,8 отсто во споредба со истиот период во 2013 година.

Процентот на невработените жени е 29,6 отсто и е значително поголем од оној на мажите – 23,3 проценти. Најмногубројни се невработените меѓу младите на возраст од 15 до 24 години – 51,5 отсто. Кај младите жени процентот на невработеност е 56,9 отсто.

Значително повисок е процентот на невработените меѓу неквалификуваните, додека помал е оној на квалификуваните. Истовремено вработеноста во Грција е намалена за 1,4 отсто во споредба со претходното тромесечие.