Повеќе од илјада италијански градоначалници потпишаа во неделата петиција со којашто бараат премиерот Марио Драги, кој во четвртокот ја понуди оставката, да остане на должноста.
„Владата мора да продолжи со работата“, се наведува во петицијата којашто, меѓу другите, ја потпишале и градоначалниците на Рим, Фиренца и Венеција.
Драги во четвртокот му ја понуди својата оставка на премиерската должност на претседателот на државата Серџо Матарела, кој не ја прифати и го повика „да му се обрати на парламентот (…) за да се процени ситуацијата“.
Потегот на Драги со оставката следеше откако партијата од владината коалиција, порано евроскептичната и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди (M5S) не учествуваше во гласањето за доверба којашто ја бараше владата.
Градоначалниците во петицијата го осудуваат „неодговорното однесување на М5Ѕ“. Воедно истакнуваат дека „со неверица и со загриженоста“ ги следат политичките случувања во Италија.
Излегувањето од кризата предизвикана од пандемијата на Covid-19 и енормниот раст на цените, како и општествената криза „денес повеќе од кога и да е бара стабилност, сигурност и единство за да можеме да ги продолжиме промените во нашите градови“, се додава во петицијата.
Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и лидерот на крајната десница Матео Саливни, чиишто парти Напред Италија и Северна лига, исто така, се дел од владиното мнозинство, во неделата изјавија дека повеќе не можат да соработуваат со Движењето пет ѕвезди поради нивната „нестручност и неверодостојност“.
Берлускони и Салвини додадоа во заедничкото соопштение дека се подготвени за избори „дури и во кус рок“. Парламентарните избори во Италија, инаку, се планирани за почетокот на 2023 година.