Над илјада здравствени работници досега се вакцинирале против Covid-19

Досега 1040 здравствени работници ја примиле вакцината против Covid-19, a кај мал број од нив се пројавени реакции по вакцинирањето, како болки на местото каде е аплицирана и благо зголемена телесна температура, информираа од Министерството за здравство.

„Сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи. Преку веб-страницата ,vakcinacija.mk реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација“ посочуваат од Министерството за здравство.

Имунизацијата се одвива во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје, а се врши со 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Pfizer“, кои државава го доби како донација од Србија.

До крајот на седмицата се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Sinopharm“. Македонија, според најавата на премиерот Зоран Заев, ќе порача дополнителни 100.000 дози од руската вакцина „Спутник V“, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација. Оваа седмица се очекуваат и првите информации за вакцините од Европската унија, од директниот договор со „Pfizer“ и од Covax механизмот