Над сто пожари во Австралија, аларм за опасна сезона на летните пожари

Австралиските пожарникари се справуваат со повеќе од сто пожари ширум две источни сојузни држави во неделата, а властите предупредуваат дека ова лето во делови од континентот може да се очекува сезона на големи огнени стихии.

„Ова никогаш го немаме видено во забележаното минато, времето никогаш не било толку погодно за пожари како оваа пролет“, изјавил за медиумите Ендрју Старџес, инспектор во противпожарната и итна служба на сојузната држава Квинсленд.

Пожарите во државите Квинсленд и Нов Јужен Велс, од кои повеќето се надвор од контрола, уништиле досега најмалку 20 различни објекти, а властите предупредуваат дека оваа бројка многу веројатно ќе се зголемува кога зафатените области ќе може да се прегледаат.

Во неделата во Квинсленд горел 71 пожар, иако ниеден не претставувал закана за поголемите населени места. Во Нов Јужен Велс, во чии делови беа најголемите суши, гореле 57 пожари, а најголемиот зафатил област од над 56.000 хектари.

Досега не е пријавен ниеден смртен случај, но 66-годишен волонтер пожарникар е во критична состојба во болница, откако се здобил со тешки изгореници во петокот.

Синоптичарите не очекуваат пауза од горештините и ветрот кои ги засилуваат пожарите, а шансите за дожд се мали. Сарџес изјавил и дека опасните услови за пожари во пролет може да се сметаат за „предзнак“ или „предупредување“ на штетите кои во североисточните области може да бидат предизвикани во летната сезона на пожарите којашто трае од декември до февруари.