Надал преку Федерер до 12-то финале на Ролан Гарос

Рекордерот на Ролан Гарос, шпанскиот тенисер Рафаел Надал во недела ќе го игра своето дванаесетто финале на турнирот во Париз, откако во петокот во полуфиналето во три сета го надигра Швајцарецот Роџер Федерер со 6-3, 6-4, 6-2 во меч кој траеше два часа и 25 минути и ја зголеми предноста во меѓусебните дуели на 24-15.

Надал така ја прекина победничката низа на Федерер во меѓусебните соочувања кој траеше од Отвореното првенство на Австралија во 2014 година, а во која 37-годишниот Швајцарец слевеше во последните пет мечеви, од кои четири беа финални.

Сепак, Шпанецот и натаму останува непремосливо пречка за Федерер на париската црвеница. Ова беше нивен шести дуел на Ролан Гарос и шеста победа на Надал, а втора во која Шоанецот го остави Федерер без освоен сет. Поубедливо го победи само во финалето во 2008 година гоа беше 6-1, 6-3, 6-0 за Надал.

Надал во првиот сет поведе со 3-0, Федерер успеа да врати „брејкот“ и да дојде до 2-3, но потоа веднаш го загуби сервисот, што на 33-годишниот Шпанец му беше доволно за освојување на првиот сет. Во вториот Федерер прв дојде до „брејк“ и поведе со 2-0, но предноста набрзо ја загуби. Надал прво го врати загубениот сервис во третиот гем, а потоа уште еднаш го скрши сервисот на Федерер во деветтиот и мирно го заврши сетот. Во третиот немаше никава неизвесност, бидејќи Шпанецот со два „брејка“ експресно стаса до предност од 5-1 и по 145 минути игра го осигура местото во неделното финале.

Надал во финалето го очекува победникот од дуелот меши најдобриот светски тенисер во моментов Србинот Новак Ѓоковиќ и Австриецот Доминик Тием, преку кој минатата година стаса до својот 11-ти триумф во Ролан Гарос. Надал против Ѓоковиќ има две победи помалку во меѓусебните мечеви (26-28)/, но во Ролан Гарос води со 6-1. Ѓоковиќ го победи во четвртфиналето во 2015-та. Надал во меѓусебните дуели со Тием води со 8-4 и има скор од 3-0 во Ролан Гарос, но 25-годишниот Австриец славеше во нивниот последен меч одигран во полуфиналето на турнирот во Барселона годинава.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.