За надлежните метил акрилатот од „Охис“ е соодветно складиран, за јавноста – институциите затаиле, а опасности има

Метил акрилатот од кругот на „Охис“ е безбедно складиран, а бетонскиот базен во кој се излеал, е исчистен, покриен со пилевина и испран со варова вода, рече Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина во вечерашната „Топ тема“.

Според него, при хаваријата што се случи во петокот, излеаните количини метил акрилат не биле високи, а и нивното негативно влијание било минимизирано.

Допрва ќе се утврдува евентуална одговорност за фирмата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ, која иако без лиценца, била ангажирана за складирање на хемискиот отпад и јавноста за тоа ќе биде информирана. Максиланата казна предвидена со закон е 100.000 евра, но прво, како што нагласи Тачи, треба да се утврди дали постои загрозување на здравјето на луѓето и на животната средина.

-Истекувањето било од испирање на резервоарот, а количините што се излеани не биле чист метил акрилат. Според нашите сознанија, имало 24-часовен мониторинг, но веројатно не било забележано поради правецот на дување на ветерот. Сепак, излеаните количини се соодветно складирани. Се претпоставува дека имало 11 тони, но колку биле навистина дополнително ќе се утврдува. При излевањето, количините што испариле биле мали, а и нивното негативно влијание било минимизирано. Количините се излеани во бетонски базен. Веднаш се преземни активности за ставање во буриња кои биле затворени за да нема испарување. Тие се складирани и безбедни, а потоа се преземани мерки за чистење на базаенот, истакна Тачи.

Инспекторатот, додаде, немал сознанија од „Екоцентар 97“ ДООЕЛ дека врши препакување на опасниот хемиски отпад.

-Постапката за „Екоцентар 97“ во тек. Кога ќе има конечност, ќе ја известиме јавноста, рече Тачи.

На ова реагираа лекарот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија и Ели Пешева од еколошката иницијатива О2, според кои, институциите затаиле.

– Зошто граѓаните пријавиле, наместо институциите, а и колку што знам, метил акрилатот не се измива со вода. Потребните мерки не се преземени. Видовме дека луѓето таму влегуваа без никаква заштита, надвор стоеја и припадници на МВР, исто така без зашита. При ваква хаварија, според европските стандарди, во радиус од 50 метри не смее никој да се приближи без заштитна маска и облека, рече Чибишев.

Се надоврза Пешева, дека многу прашања околу целиот случај остаанаа неодговорени.

-Ова што се случи деновиве е крајно неодговорно и претставува загрозување на животот на граѓаните и на животната средина. Многу прашања остаанаа неодговорени, што испарило и како е ангажирана фирмата за складирање и уништување на хемискиот отпад зашто нема лиценца, рече Пешева.

Во „Топ тема“ учествува и Нане Перо, поранешен инженер во „Охис“. Тој повеќе се осврна на линданот, потсетивајќи се колку бил токсичен.

-Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција, Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нус-производи кои до денес останаа во кругот на фабриката. Гама измоерот се екстрахиравме со метил алкохол, кој е исто така многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше не само облеката, туку и кожата, истакна Перо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.