Надојдените Радика и Црн Дрим почнаа да го полнат пресушеното Дебарско езеро

30

Обилните и интензивни врнежи од дожд во дебарското сливно подрачје за повеќепати го зголемија водостојот на реките Радика и Црн Дрим.

Тоа поволно се одразува и во зголемувањето на нивото на Дебарско Езеро, односно акумулацијата „Шпилје“.

-По обилните врнежи од дожд, дотекот на вода во акумулацијата „Шпилје“ од река Радика изнесува околу 190 метри кубни во секунда, додека од реката Црн Дрим изнесува 36 метри кубни во секунда. Денеска котата на акумулацијата е 568,88 метри, што претставува исполнетост на акумулацијата од 36 проценти, велат за МИА од ЕСМ.

Според истот извор, моментно во акумулацијата има вода за производство на околу 16 милиони киловат-часови електрична енергија, додека до максималната кота има простор од 11 метри и 12 сантиметри.

Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 метри, а минималното 560 метри.

Според надлежните во оваа област, поради конфигурацијата на теренот, нема опасност од поплави во ова подрачје доколку продолжи зголемувањето на водостоите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.