Надоместокот за патни трошоци се укина уште во 2007, не треба да земаат ни пратениците

Даночниот експерт Славко Лазовски објави интересен став за патните трошоци на пратениците, за кои повторно се крева бура во јавноста, особено откако излезе предлогот народните избраници кои не се од главниот град или да добиваат 20 отсто од цената на чинењето на горивото, или да добијат закупнина за стан во Скопје не повисока од 400 евра.

Лазовски на својот фејсбук профил пишува дека не се смета за експерт по ова прашање, но вели дека експертите се сосема јасни и прецизни што треба да се стори по ова прашање.

„Најнапред да постигнеме сосема мала еднозначност на поимите, за прецизно да се разбереме. Едно е надомест на плата, а друго е надомест на трошоци околу платата. Проблемот е создаден што е направена мешавина и замена, кому како му одговара.

Прво, ако овој вид надомест беше укинат на први јануари 2007 година за сите вработени, така треба да биде и за пратениците. Умрен е овој надомест, го нема и мора (не треба, туку мора) да се укине, како за за сите, така и за нив“, пишува прецизно Лазовски.
<
Што се случи на први јануари 2007 година?

„Надоместокот за до и од работа се претопи во бруто платата. На сите нас убаво ни дојде, бидејќи за тој надомест ни се зголеми платата. Тоа значи, им се подигна и платата на пратениците. И не трба да се прават ербапи, ем плата поголема, ем надомест. Станува збор за оној надомест за до и од работа, ако живеете подалеку од два километри од работното место“, прецизира овој експерт.

Лазовски укажува и дека видот на трошокот „користење на сопстевено возило за службени цели“ не е укинат, но тој се користи со налог на работодавацот, и откако вработениот ќе дојде на рабоата, а не за доаѓање на работа и одење од работа. Затоа ова за него е уште еден вид „ербаплук“ на пратениците.

„Станува збор за надомест на трошоци, а овде е употребен како додаток на плата. Првиот само надоместува направени трошоци – фајде тука нема. Од вториот има фајде – тоа е додаток на плата. Видовме дека имаат големо фајде“, вели Лазовски.

Овој експерт зборува и за критериумот – процент од цената на горивото, дека не е објективен.

„Тоа важи сега кога има разновидни, по вреднсот и квалитет, возила. За скапиот џип и за ептен евтиното возило ќе добиете ист надомест, бидејки клучен параметар е оддалеченоста – колометрите, а не колку фактички е потрошено гориво. Не можам, а да не кажам нешто и за оданочувањето – штом надоместокот е над 3.500 денари се губи правото на даночното олеснување до 3.500 денари. Тоа значи, персонален данок се пресметува на целиот износ без намалувањето за 3.500 денари. Пример: Ако надоместокот е 4.000 денари данкот треба да се пресмета на 4.000 денари, а не на 500 денари“, порачува Лазовски.

Овој експерт дава и една препорака за ова прашање – патните трошоци на пратениците.

„Прогласете го за ‚умрено’, бришете ги сите одредби околу ова. Наместо извалканото, внесете ново чисто ресение“.

Додава дека ова ресение било смислено за „Фиќо“, и тогашната цена на бензинот (речиси багателна) и кога тогашните фирми немаа доволно возила, па некој од вработените можел да прискокне и тоа за таму каде немало јавен превоз.

„Овој вид надоместок да не се укине, приватниот секор да може да го користи доколку има потреба. Да си остане првобитната замисла – да се употребува во сосема, сосема ретки случаи. Но, овој вид надоместок не е кога се плаќа со јавни средства“, пишува Лазовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.