Надворешната евалуација на високообразовни институции во Македонија

Деновиве Министерството за образование и наука (МОН), согласно член 51 став 2 од ЗВО ( Сл.весник на РМ,бр.82/2018) и Правилникот за стандарди и постапки за надворешна евалуација и самоевалуација, на порталот на МОН, објави отворен повик за избор на странски експерти за спроведување на евалуација на високообразовните институции и студиски програми, регистрирани и акредитирани во Р. Македонија. Избраните странските експерти треба да се редовни професори на акредитирани универзитети во земјата членка на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование (European Association for Qvality Assuranc in Higher Education-ENQA). А рокот на пријавување е 18.09.2022 година.

Надворешната евалуацијата ќе биде  за следните научни области:

Природни науки: Математика, Комјутерски и информатички науки, Физички и Хемиски науки, Земјата и сродните науки, Биолошки науки. Други природни науки, Понатаму, инжењерство и технологија, градежништво Електротехника, електронско инжињерство, информатичко инжињерство, Машинско инжињерство, Хемиско инжињерство, Медицинско инжињерство, Инжињерство на животна средина, Биотехнологија на животна средина, Индустриска биотехнологија, Нано – технологија и други инжењеринг и технологии.

Медицински и здравствени науки: Основна медицина, Клиничка медицина,  Здравствени науки, Медицинска биотехнологија, Други медицински науки, Земјоделство  и ветеринарни науки, Земјоделство, шумарство и рибарство, Наука за животна и млечни производи, Ветеринарна наука, Земјоделски биотехнологија и други земјоделски науки.

Општествени науки: Психологија и конгнитивни науки, Економија и бизнис, Образование, Социологија, Закон, Политички науки, Социјална и економска географија, Медиуми и комуникации,  и други општествени науки.

Хуманитарни науки и уметности: Историја и археологија, Јазици и литература, Филозофија, етика и религија. Уметност (уметност,историја на уметност, изведувачки уметности, музика), како и други хуманитарни науки.

Какви се состојбите во високообразовните институции во Македонија?

Согласно Законот за високо образование, формирана е Агенција за квалитет во високото образование. Во рамките на Агенцијата за квалитет (кој има свој директор) се: Одборот за акредитација на високото образование и Одборот за еваулација на високото образование.

Надлежност на Одборот за акредитација, меѓу другото е  да утврдува  исполнитост  на условите за организирање на студии за нови студиски програми на високообразовната установа и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовната установа, одлучува за акредитација на студиски програми за период од пет студиски години… (Види: Закон за високо образование – Сл.весник на РМ.бр.82/2018)

Надлежност на Одборот за еваулација, меѓу другото е да го следи и оценува квалитетот на вршењето на  на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на акдемскиот кадар на високообразовната установа, а посебно на  нивните студиски програми најмалку на  секои пет години и врз основа на тоа му предлага на Одборот за акредитација да ја приложи или одземе акредитацијата… (ВидиЗакон за високо образование – Сл.весник на РМ бр.82/2018)

Што покажува практиката?

Практиката покажува дека во Агенцијата за квалитет во високото образование каде што е директор Агим Рушити, функционира Одборот за акредитација во високото образование со следниот состав – членови професори: Татјана Стојановска Иванова претседател, Садудин Ибраими потпретседател, Лилјана Колева-Гудева, Ќуфли Османи, Славица Рачевска, Сунчица Петровска, Никола Николов, Атанас Кочов, Блерим Саити, Владо Камбовски (поранешен претседател), Љубица Георгиевска Исмаил, Елми Јусуфи, Светлана Ристовска Антиќ. Во Одборот за еваулација во високото образование се професорите: Билјана Кузмановска – претседател, Јатмира Алимани Јакупи – потпретседател, Владо Матовски, Митко Младенов, Владо Гичев, Ирина Петровска, Руменка Петровска, Марина Митревска – поранешен претседател, Цвете Димитриевска, Јасмина Делчева Диздаревиќ, Јусуф Зејнели, Метуш Сулејмани, Ангел Димитров, Иван Радевски. Овие професори (запамете ги!) не си ја извршуваат законски, стручно и професионално своите надлежности. Тоа се потврдува со фактот што се’ и сешто се акредитира со неисполнување на условите за организирање на студиски програми и студиски програми потребни за пазарот на трудот, како и со наставен кадар. Додека Одборот за еваулација во високото обраование, односно нивните претседатели и членови не извршиле ниедна евалуација на ниеден јавен и приватен универзитет во Р.Македонија. Освен сликањето на Марина Митревска во Славјанскиот универзитет како нејзино најголемо достигнување во кариерата како претседател на Одборот за евалуација! Срамно и понижувачко однесување од овој тим!

Има повеќе примери, но поради просторот ќе наведам само еден пример од извршен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) во Скопје, каде што се констатирани неправилности и недостатоци во постапките за избор во наставни, наставно-научни и соработнички звања кај лицата: д-р Урим Исени-насловен доцент, д-р Бујамин Беља-доцент, проф. д-р Зоран Гацовски, д-р Зана Беќири Љума – доцент, д-р Илир Мехмеди – насловен вонреден професор, д-р Зоран Трифунов – вонреден професор, д-р Букурије Имери-Јусуфи – доцент, д-р Миле Србиновски – вонреден професор, м-р Јован Христовски – асистент докторанд, м-р Блерант Рамадани – асистент, м-р Лулјета Џемаили асистент-докторанд, м-р Афет Муслии – асистент, д-р Александар Петковски- доцент, д-р Неритан Туркеши – вонреден професор, д-р Калтрина Зеколи Шаќири – доцент, д-р Бедри Адеми – вонреден професор, д-р Мирван Џемаили – вонреден професор, д-р Едона Винца-асистент – докторанд, м-р Ваљон Рамадани – асистент, м-р Блерта Кондри – асистент, каде сеуште нема епилог од постапување на Решение од ДПИ од страна на универзитетот за горенаведените.

По извршениот надзор и изготвено Решение од страна на ДПИ е извршен контролен надзор а во врска со утврдување дали УМТ постапувале по Решението, од наши сознанија е утврдено дека во УМТ не  постапил по даденото Решение со кое на  десетици професори , асистенти им се поништени насловно научните избори (и нема волја за постапувња  по законска одредба ), и притоа алиби е жалбата поднесена од УМТ до Второ степената владина комисија.. кое нешто не го одлага извршувањето по Решението, и сето тоа во корелација и консултации со одредни лица од ДПИ и политичката партија ДУИ. Го повикувам Инспекцискиот совет, ДКСК да се испитаат сите незаконитости на УМТ и работата на Агим Рушити како Директор на агенцијата за квалитет во високото образование.

(ВидиНезаконско, непотистичко работење на Универзитетот „Мајка Тереза“)

На овој УМТ е дадено Решение со акредитација на студиска програма за Царина, шпедиција и осигурување, каде што се констатира дека нема наставен кадар согласно критериумите и барањата на ЗВО. Тука е одговорноста на директорот Агим Рушити (кој во УМТ се обидува својот син Алмир да го вработи како професор-непотизам), како може да се акредитира и издаде решение на студиска програма Царина, шпедиција и осигурување, и на Одборот за акредитација, има и други универзитети, и како што наведов  Одборот за евалуација, формално функционира, односно, нема извршено никаква евалуација на ниеден јавен и приватен универзитет во Македонија. Тогаш не е чудно што ги нема нашите универзитети во првите 500 или 1000 места на Шангајската листа. Дали треба да сносат одговорност? Секако да!

(Види: Македонскиот бродолом на високото образование и наука)

Што констатираа странските институции UNESKO, OECD, EUROSTAT?

Констатираа, дека во последните две децении се забележува забрзано проширување на системот за високото образование во земјата. Во 2017 година, имало 22 високообразовни институции споредено со само пет во 2003/2004 година (UNESKOIBE). Тоа проширување на системот за високото образование продолжува и во 2021/2022 година. Така што Македонија има 24 високообразовни институции.

Ширењето на понудата се отсликува во зголемената бруто-стапка на запишување, од 15% во 1991год. на над 40% во 2015 година (UNESKO). Меѓутоа брзиот пораст не е придружен со значителна контрола на квалитетот. Програмите во високото образование се одликуваат со мала селективност. Сите ученици што ја положиле државната матура (со стапка од 94,3% положена матура за 2017 година кај учениците од гимназиите) може да се запишат на факултет, а квотата за државно финансирање се особено високи. Брзото проширување на високото образование, во периодот кога резултатите од Македонија на меѓународните оценувања се и понатаму многу ниски, укажува дека учениците се запишуваат на факултет со големи празнини во основните знаења и вештини и без компетенции што се неопходни за успешно напредување на ова ниво.

Исто така, постои загриженост поради тоа што програмите во високото образование не ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот. Самиот податок укажува дека дипломираните студенти од високото образование во Република Македонија е помалку веројатно да се вработаат (55%) Eurostat,2017, отколку студенти од високото образование во земјите на ЕУ (83%) OECD,2017.

Образложението за високата невработеност кај дипломираните студенти од високото образование се слабите вештини или вештини што не се совпаѓаат со потребите. Еден фактор кој придонесува за тоа е ограничената разновидност во понудата на програми за високото образование и особено малиот број висококвалитетни технички опции во високото образование. Од таа причина, голем број ученици што завршиле  средно стручно образование продолжуваат со изучување академски предмети во високото образование.

Надминување на проблемите

Истакнатите и наталожени проблеми и слабости во развојот на образовниот систем, науката и истражувањето и развојот се последица на неосмислените, палијативни и политички инструментализирани „реформи заради реформи“, и се поголемиот расчекор со европските и  глобалните промени што се случуваат во полето на знаењата, истражувањето и развојот затоа се налага и е потреба:

  • Формирање на експертска комисија, односно Совет за реформи во високото образование, наука и истражувањето и развојот, со учество на преставници на универзитетите и научните институции, МАНУ, МОН, бизнис – заедницата и граѓанскиот сектор. Со задача критичко преиспитување на широко разгранетата и хипертрофирана универзитетска мрежа и предлози за нејзино рационализирање, реализирање на Болоњскиот процес и особено врз обврските што ќе придонесат за воведување европски стандарди и критериуми за квалитет на високото образование и на науката и за интеграција на земјата во единствен европски процес на високо образование, осмислување на основите на системот на финансирање и слично.
  • Врвен приоритет треба да биде подигање на квалитетот на високото образование и на научно-истражувачката дејност. Тоа ќе се оствари со примена на инструменти развиени на водечките европски универзитети согласно Болоњската декларација за европско подрачје на високото образование. Примената на европските стандарди за квалитетот имплицира комплетно модернизирање на наставни програми и содржини на постапките и  содржини, на постапките на еваулација на институциите, и заострување на критериумите за избор во академски и научни звања на јавните и приватните универзитети и слично.
  • Концептот на високото образование, неговите содржини, програми и цели мора да бидат засновани врз принципот на единство на наставната и истражувачката дејност, осовременување на наставните програми и содржини. Неопходно е заострување на критериумите за оцена на научноистражувачката дејност на универзитетските професори и за одлучувањето за нивното напредување во повисоки наставно-научни звања. Неопходно е вклучување на студентите на редовните и на посдипломските студии во научноистражувачка работа, а докторските студии треба да имаат исклучиво истражувачки карактер-застапеноста на ова компонента треба да биде предуслов за акредитирање на докторските програми.
  • Приоритетна задача е преиспитување на постојната хипертрофирана мрежа на високообразовните институции. Формирањето на нови високообразовни институции-универзитети и факултети и нивна необмисленост неможе да биде самоволен чин на Владата, детерминиран од интересите на политичките партии и од теснопартиски апетити и амбиции на луѓе што се стекнале со највисоки научни звања во хипертрофинариот систем на високото образование. Ваквата практика води директно до пад на квалитетот на високото образование (на наставата, научноистражувачката дејност, критериумот на оценување на студентите, на критериумот за напредување на наставниот кадар и сл.) ни испорачува далекусежни негативни последици.
  • Финансирањето на високото образование и науката треба да претрпи коренити промени. Треба да се размисли примерот на Р.Словенија, финансирањето е уредено со посебен закон (Закон за буџети).
  • Неопходни потикнувачки мерки за запишување на студенти на факултетите за природно-математичките, техничко-технолошки, биотехнички науки и сл. Во земјите на Западен Балкан постои вишок дипломирани кадри во областите  бизнис, администратција и право и недостиг на дипломирани во природните науки, математиката, статистиката, а се појавува и недостиг во сверата на ИКТ. Податоците за бројот на дипломирани студенти во Р.Македонија, според областите на студирање за последниве неколку години потврдуваат дека меѓу 70% и 73% од дипломираните студенти им припаѓаат на општествените и на хуманитарните науки, меѓу 3,8% и 4,7% на  природно-математичките науки, меѓу 12% и 15% на техничко-технолошките науки и меѓу 7% и 12% на медицинските и на биотехничките науки. Неопходно е преиспитување на хипертрофираната мрежа на високообразовните институции и нејзината рационализација да се води сметка и за овој критериум, ова од причина што голем број од новоотворените  факултети се во областа на општествените науки, што е резултат на лабавите критериуми на акредитација на новите факултети и што директно води кон  уништување на квалитетот  на  наставата и истражувачката дејност, со прекумерна комерцијализација на високообразовната свера до нелојалната конкуренција.
  • Неусогласеност на системот на образование со пазарот на трудот во Македонија е една од причините за појава и одржување на структурна невработеност. За надминување на ваквите состојби е неопходно:

Прво-модернизирање на курикулумите и методите на предавање и учење на факултетот, второ-развивање практика (практична работа на студентите во фирми и институции) во текот на нивното студирање, трето-развивање на дуални програми на високообразовните институции, кои се особено значајни за зголемување на знаењата и вештините на студентите. Ваквиот систем бара, постоење тесна врска меѓу компаниите и високообразовните институции и јасно дефинирање на специфичните цели на дуални наставни програми.

  • Итно разрешување на членовите на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование и воведување забрана ниту еден од досега присутните членови во овие тела во изминатите 20 години по ниту еден основ да не смее да биде дел од овие тела! Не смее да се дозволи оние кои од различни мотиви, а пред се финансиски го уништија високото образование и во иднина да го прават истото!
  • Итно разрешување на Агим Рушити од директор на Агенцијата за квалитет на високото образование и поништување на неговиот избор за наставник на факултет и забрана за вршење дејност во високото образование;
  • Кривична одговорност за сите инволвирани во овие тела како дел од новата корупциска политика во државата потпомогната и со средстата од Амбасадата на САД кои оваа недела беа доделени на Министерството за финансии;
  • Проверка на имотната состојба на инспекторите во Државниот просветен инспекторат и утврдување на потеклото на нивниот имот;
  • Воведување на систем на ротирање во Државниот просветен инспекторат со цел да не може да имаме вечни инспектори за високо образование кои се навикнати на користење привилегии преку надзорите кои ги вршат по факултетите, посебно на оние кои се љубители деканите на факултетите да ги носат на вечери и до три пати додека трае надзорот, за што има јавно поговарање од деканите и поплаки како си дозволуваат да бараат вечери во луксузни хотели;
  • Донесување на антикорупциска програма за вработените во Државниот просветен инспекторат!

Од напред наведеното може да се констатира и заклучи неопходно е системот на високото образование, кој во Македонија го сочинуваат јавни и приватни институции, од аспект на легислативата евалуација, акредитација треба да бидат целосно изедначени мора да биде единствено уреден.

На потег е Инспекцискиот совет, ДКСК да се испитаат сите незаконитости, непотизам во работењето на овој  и другите универзитети во Македонија.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес