Надворешниот долг на Македонија не е загрижувачки

Надворешниот долг на Република Македонија не е загрижувачки, бидејќи две големи компоненти отпаѓаат на трговските кредити и кредитите меѓу поврзани субјекти кои се многу позитивни за нашата економија и всушност се странски директни инвестиции, смета гувернерот на НБРМ Димитар Богов, објави МИА.

„ Во надворешниот долг има повеќе категории меѓу кои се и трговските кредити и кредитите меѓу поврзани субјекти. Голем дел од нашиот надоврешен долг отпаѓа токму на овие две позиции – трговските кредити чие што зголемување покажува зголемени надворешно трговски односи што е секако позитивно и задолжувањето кај матичните компании во странство што се всушност странски директни инвестиции“,  истакна Богов одговарајќи на новинарско прашање на Третата годишна регионална средба на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади за Европа и Централна Азија (ЕЦА) што денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Народната банка на Република Македонија.

Според него треба да се води сметка за капацитетот на нашата економија да го отплатува долгот кон странство и додаде дека НБРМ секогаш го има тоа на ум и во нивните анализи секогаш гледаат три до пет години нанапред и соодветно на тоа ја прилагодуваат монетарната политика. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.