Надзорните камери на граничните премини исклучени на стартот на туристичката сезона

Камерите на Јавното претпријатие за државни патишта, на граничните премини „Ќафасан“, „Меџитлија“ и „Богородица“ кои пренесуваат слика во живо, веќе извесен период не работат. Исто така, не работат ниту камерите на повеќе наплатни станици.

Од ова Јавното претпријатие информираат дека се запознати со ситуацијата и дека во моментов се реализира јавната набавка за одржување на опрема за видео надзор. Кога ќе се потпише договор со фирмата изведувач, дефектите ќе бидат отстранети.

Инаку, во функција е видео надзорот на граничните премини: „Деве Баир“, „Табановце“ и „Блаце“.

Во време на почетекот на летната туристичка сезона, на граѓаните од земјава како и на странците кои патуваат низ државава, им е важно камерите да се во функција за да можат да следат каква е состојбата со метежот на граничните премини. Камерите се битни, секако, и од безбедносен аспект во ситуации на сообраќајки и слично. Тие се поставени за поголема транспарентност во работењето и преглед на состојбата на патиштата и затоа претпријатието ги направи достапни за граѓаните.