Наградата „Антево Перо“ за стихозбирката „Потпис: трепетлика“ од Ана Стојаноска

Првото почесно Антево перо, наградата „Антева златна книга“ ја доби макеонскиот поет Михаил Ренџов, а наградата „Антево перо“ за 2020 година и е доделена на стихозбирката „Потпис: Трепетлика“ од Ана Стојаноска.

-Жирито, пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од масовниот одзив за оваа награда. Пристигнаа 96 стихозбирки, со цел виножитен спектар најразлични поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки: „Жив(отн)и песни” на Владимир Мартиновски, „Бујрум ако смееш прочитај ја тишината“ на Емељ Туна, „Остров во окото“ на Зоран Пејковски, „Потпис: Трепетлика“ на  Ана Стојаноска, „Огнот наш нестишен“ (шифра „Сребрена“), „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ на  Елена Пренџова, и „Запирка“ на Милена Ристова Михајловска. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и по завршните дискусии на членовите на жирито, Комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Антево перо“ за 2020 година да и се додели на стихозбирката „Потпис: Трепетлика“ од Ана Стојаноска, се вели во соопштението.

Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, Комисијата, исто така, одлучи да додели и две награди „АНТЕВ ЗЛАТНИК“.

Наградите „Антев Златник“ за 2020 ги добиваат Владимир Мартиновски за стихозбирката „Жив(отни) песни и Зоран Мартиновски за стихозбирката „Остров во окото“.

Наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел -откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик: и е доделена на стихозбирката „средбата на вулкан и Нинерва“ на младата поестеса Георгина Петреска.

Комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ за 2020 година е во состав: Венко Андоновски, претседател, Атина Цветаноска и Жорж Поповски, членови. Тие пред да започнат со финално разгледување на ракописите во конкуренција за наградата, донесоа едногласна одлука од оваа година, по потреба (не секоја година) да се доделува наградата АНТЕВА ЗЛАТНА КНИГА, која е всушност ПОЧЕСНО АНТЕВО ПЕРО за животен поетски опус.