Наил: Признавање на Македонија под уставно име и влез во НАТО

Поддршка за признавање на Македонија под уставното име и влез во НАТО, искажа денес потпретседателот на парламентот на Нов Јужен Велс, Фредерик Џон Наил. Наил денес се сретна со потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.

По средбата изјави дека по неговото враќање во земјата ќе лобира на највисоко ниво Македонија да добие поддршка од Австралија за овие прашања.

Милошоски рече дека станало збор за признавање на Македонија под уставното име, за поддршката за влез во НАТО, билатералните односи помеѓу двете земји, за соработката со дијапората, економската соработка…

Разговарвме и за она прашање што Македонија ја интересира подолого време, а тоа е можноста и околностите кога Австралија би можела да го преземе следниот правилен чекор за признавање на уставното име на Република Македонија. Мислам дека од година на година се создава се подобра атмосфера. Имаме се поголем број поддржувачи во Австралија, лобисти, коишто признавањето на уставното име го гледаат како една кауза. Драго ми е што со колегата Наил најдовме заеднички јазик и ја имаме неговата лична, но и морална и политичка поддршка, повторно во кругот на своето влијание да го покрене ова прашање за да може да го даде својот личен придонес Австралија поскоро да ја признае Македонија под уставното име, рече Милошоски, пренесе МИА.

Австралија и Македонија ги поврзуваат повеќе политички интереси

Милошоски билатералните односи меѓу Австралија и Македонија ги оцени како многу добри, при што напомена дека двете земји ги поврзуваат многу повеќе политички интереси.

Најпрвин за Македонија е важно што во Австралија живее, работи и активно работи и на политичката сцена една значително македонска дијаспора, која што го има своето право на глас да одлучува не само во австралиската туку и преку избраниот пратеник и во македонската политика. Втората работа од заеднички интерес е збогатување на економската соработка и третата заедничкото пресретнување на интересите преку учеството на наши безбедносни сили во акциите на НАТО. И Македонија како земја кандидат, а особено Австралија како еден глобален партнер на НАТО учествуваат во заеднички операции, рече Милошоски.

Наил: Ќе лобирам за македонските интереси

Наил рече дека во својата земја ќе лобира за признавање на Македонија под уставното име и поддршка на членството на земјата во НАТО.

Кога ќе се вратам во Сиднеј ќе лобирам за македонските интереси во однос на прашањето за името и конфликтот што го имате го грчката заедница. Исто така, ќе се обидам да лобирам во однос на прифаќањето на Македонија како членка на НАТО. Интересите на Македонија би можел да ги застапувам преку Парламентот, државните органи и преку мојот близок пријател премиерот на Австралија, рече Наил.

Како што рече, во Австралија има позитивно расположение за признавање на земјата под уставното име, но има и конфузија зошто земјата не може да го користи уставното име.

Секаде каде што патувам добивам позитивни одговори и ставови за ова прашање и повеќето се збунети зошто ова прашање не може да биде решено и зошто Македонија не може да се вика со своето име, изјави Наил.

Посочи дека долго време соработува со македонската заедница особено во Сиднеј и дека има добра соработка со црковните групи и другите организации.

Исто така соработувам добро и со грчката заедница и лобирав за едно важно национално прашање за нив и успеав да се дебатира во Парламентот за геноцидот на Грците во Турција во 1915 година, што ми донесе поддршка меѓу грчката заедница, рече Наил.

Џон Наил е долгогодишен пратеник во Парламентот на Нов Јужен Велс. Првпат на оваа позиција бил избран во 1981 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.