Најбогатите Британци лани ги зголемиле своите богатства за 14 отсто и покрај Брегзитот

Богатствата на илјадата најимотни Британци продолжиле да растат и покрај британската референдумска одлука за излегувањето од Европската унија, а во текот на минатата 2016 година изнесувале рекордни 658 милијарди фунти, што претставува зголемување за 14 отсто на годишно ниво, покажува листата на најбогатите во Велика Британија што ја прави весникот The Sunday Times.

Листата на најбогатите Британци го вклучува рекордниот број британски милијадери – ги има 134, со новите 14 кои се појавиле минатата година.

„Додека многумина од нас беа загрижени за исходот од референдумот за ЕУ, многу од најбогатите Британци мирно продолжиле да го трупаат своето богатство“, вели авторот на споменатата листа Роберт Ватс.

Истакнува дека во заднината на зголемувањето на богатствата на најбогатите е заживеаниот пазар на акции.

„Очекувавме дека ќе го видиме ефектот на берзанското ’ладење’ пред референдумот за ЕУ, но тоа едноставно не се случи. Растот на берзите вообичаено го зголемува богаттвото на имотните сопственици на уделите, а од минатиот јуни акциите пораснаа“, напомнува Ватс.

Листата ја предводат браќата Шри и Гопичанд Хиндуџа, кои вложуваат во имоти, здравствена нега, нафта и гас, а нивното богатство во 2016 година изнесувало 16,2 милијарди фунти, што е за 3,2 милијарди фунти повеќе отколку една година порано.

Од оние кои се наоѓаат меѓу првите 20 на листата, само семејството Вестон го намалило своето богаство минатата година. Нивното богатство се намалило за 500 милиони, на 10,5 милијарди фунти, поради падот на цената на акциите во компанијата „Associated British Foods“, во којашто имаат сопственички удел од 20,8 отсто.

Основачот и извршен директор на најголемата светска компанија во индустријата за челик „ArcelorMittal“, Лакшми Митал, остварил најголем раст на богатството, за повеќе од 6 милијади фунти, и моментално тоа е проценето на 13,3 милијарди фунти.

Војводата од Вестминстер, 26-годишниот Хју Горсвенор, е единствен меѓу десетте најбогати роден во Велика Британија. Со наследувањето на семејната сопственост минатата година стана најбогатата личност во светот помлада од 30 години.

Русинот Алишер Усманов, кој во сопственост има 30 отсто од лондонскиот фудбалски клуб Арсенал, на своето богатство во 2016 година му придодал повеќе од 4 милиојарди, и тоа сега изнесува 11,8 милијарди фунти.

Поборникот на Брегзитот, сир Џејмс Дисон, кој минатата година стана првиот вистински Британец кој го надминал прагот од 5 милијарди фунти, на својот имот минатата година му придодал уште 2,8 милијади.

Од спортските ѕвезди со најголема сопственост, на листата првпат се проби шведскиот интернационалец од Манчестер Јунајтед, Златан Ибрајимовиќ, со 110 милиони фунти, откако мина во редовите на „црвените ѓаволи“.

Пејачката Адел ја завцрсти водечката позиција меѓу најбогатите британски музичари во историјата, со заработените 40 милиони, и сега се проценува дека вкупно нејзината сопственост изнесува 125 милиони фунти.

Ѕвездите на филмскиот серијал за Хари Потер, Даниел Ретклиф, Ема Вотсон и Руперт Гринт, исто така, се наоѓаат на листата. Ретклиф со 78 милион, Вотстон со 39 и Гринт со 28 милиони фунти.

Како што истакнува Ватс, има сé повеќе и повеќе разноличност во составот на листата на најбогатите.

„Има повеќе жени, повеќе луѓе со различно етничко потекло, и повеќе од изненадувачките сфери на животот, како што се произведувачи на јајца и на храна за домашните миленици, кои стојат рамо до рамо со менаџерите од хеџ фондовите и благородниците со приватна сопственост“, вели Ватс.

Имотот на водечките дваесет луѓе на британската листа изнесува вкупно 191,77 милијарди фунти, со што своето богатство во последните дванаесет месеци го зголемиле за 35,18 милијарди фунти.