Најголема група американски волонтери пристигна во Македонија

Рекорден број  Американци (54) пристигнaа во Македонија за да служат како волонтери во Мировен корпус. Тие ќе го споделат своето знаење и искуство волонтирајќи во училишта и организации во Македонија.

Волонтерите беа пречекани на аеродромот од страна на директорот на Мировен корпус во Македонија, Марк Ханафин, како и дел од вработените.

Сведоци сме на пристигнувањето на најголемата група волонтери во историјата на Мировен корпус Македонија. Од година во година, бројот на волонтерите сè повеќе се зголемува. Ова го покажува големиот интерес кој постои кај Американците да служат во Македонија“ – изјави директорот на Мировен корпус во Македонија, Марк Ханафин. „Нивното присуство во Македонија е многу значајно. Споделувањето знаења и искуства е непроценливо за сите коишто се инволвирани.“

За време на нивниот двогодишен престој во Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини. Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.

Ова е 23-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура. Својата служба во Македонија ќе ја почнат во декември. Повеќе од 750 американски државјани служеле во Македонија од 1996 година.