Анализи

Најголемата криза го притисна Цукерберг во аголот

Најголемата криза го притисна Цукерберг во аголот

Голем наивец или зол волк, основачот на „Facebook“, Марк Цукерберг, во својата 33-та година се соочува со најголемата криза во историјата на својата социјална мрежа од што се обидува да се спаси со низа извинувања и ветувања, но со тоа засега не успева да ги стивне критиките.

„Facebook“ е „создаден да ги приближи луѓето“, се фалеше уште во јануари младиот милијардер кој компанијата ја основал пред 14 години. Но денес критичарите ја напаѓаат социјалната мрежа и нејзиниот челник бидејќи британската компанија „Cambridge Analytica“ од „Facebook“ собирала податоци за 50 милиони корисници коишто потоа ги користела во политички кампањи.

По неколку дена молчење, што исто така наиде на негодувања, Марк Цукерберг во средата конечно се извини.

Ова беше многу сериозно кршење на довербата и многу ми е жал, порача тој.

„Facebook“ има повеќе од две милијарди корисници и уште до минатиот викенд на берзата чинеше повеќе од 500 милијарди долари. До петокот акциите му паднаа за 10 отсто. А, проблемите допрва започнуваат.

Последен удар се чини е зададен од објавата на милијардерот и иноватор во вселенските истражувања Илон Маск, кој ноќта кон саботата објави дека ги затворил профилите на своите компании „SpaceX“ и „Tesla“ на „Facebok“. Тоа започна на постот на „Twitter“ на Брајан Актон, еден од креаторите на сервисот „WhatsApp“ кој на мрежата го лансираше хаштагот #deletefacebook.

Време е да се #отстранифејсбук“, напиша Актон. „Што е тоа Facebook“, го праша Маск. На тоа еден од корисниците запраша дали ќе ја отстрани страницата на „SpaceX“ од „Facebook.“

Не знам дека сме имале. Ќе го сториме тоа, одговори Маск.

Потоа, откако новинарите на „BuzzFeed“ и „The Wire Report“ му испратија на Маск скринови од страниците на неговите компании на мрежата, тој одговори: „Апсолутно. Во секој случај, изгледа дека нешто смрди“. Потоа страниците на „SpaceX“ и „Tesla“ ги немаше повеќе на „Facebook“.

Цукереберг делува обезглавено

Младиот црвенокос милијардер со детско лице изминатите месеци веќе признаваше грешки. Неговиот „Facebook“ е обвинет дека помага во ширењето лажни вести, дека претставува закана за демократскиот поредок и оти кај корисниците создава зависност.

Цукерберг низ сите овие расправи, ветувања и извинувања „делува како момче коешто не знае каде оди“, смета аналитичарот Боб Ендерле. Како креатор на успехот на „Facebook“ кој одбива да препушти дури и делче од својата моќ, Цукерберг е олицетворение на својата компанија, но со тоа и ги прима сите удари на нејзина сметка. Последниот пример е неодамнешното издание на магазинот „Wired“ во кое е прикажан со модринки.

Го покренав „Facebook“ и, на крајот од краиштата, одговорен сум за она што се случува, изјави во средата, изложувајќи се уште повеќе на критиките од аналитичарите, експертите и владини функционери.

Цукерберг, кој иако „тежи“ повеќе од 70 милијарди долари и натаму носи обични маички и фармерки. Магазинот „Wired“ го обвинува дека „не успеал да ги реши основните проблеми“. Ми се забележува и дека предоцна реагирала и мислел дека сѐ може да поправи сосема сам.

Креацијата му се лизна од рацете

На поранешниот студент на Харвард кој во светот на сметачките машини навлегол од 11-та година, како бумеранг му се врати имиџот на неискусен и помалку арогантен претприемач од кој дури неодамна успеа да се отараси.

„Повторно се покажа неговата неискусност. Повеќе не е херој каков што многумина претходно го сметаа, неговиот углед и имиџот силно се урнаа“, вели Ендерле и тврди дека Цукерберг требало да прифати помош за да подобро управува со кризи. Заклучува дека „доколку „Facebook“ бил традиционална компанија… Цукерберг одамна би бил минато“.

Мислам дека е искрен и дека е навистина мотивиран со својата декларирана желна за приближување на луѓето, но веројатно е сѐ пофрустриран со несаканите последици на својата наивна амбиција. Мислам дека дојдовме до точката кога најдобар начин за остварување на своите амбиции му стана заминувањето, пишува авторот и новинар Девин Колдвеј во магазинот „TechCrunch“.

На многумина им се чини дека „Facebook“ му се оттргна од рацете на својот творец кога го покрена многу млад, замислувајќи го како онлајн верзија на универзитетски алманах пред да ја открие волшебната формула кога го направи богат – личните податоци на корисниците. Овој извонредно успешен економски модел го привлече моќниот свет на маркетиншката индустрија, која силно посакува поефикасен досег до своите целни групи.

Но, моделот е кршлив, бидејќи се темели на довербата на корисниците, а таа сега е на ниски гранки, што го покажува и падот на берзанската вредност и го одразува неспокојството на вложувачите.