Најмалку 110 припадници на етничката група Фула убиени во Мали

Напаѓачи во Мали во саботата убиле најмалку 110 сточари, припадници на етничката група Фула, објави локален градоначалник за овој најсмртоносен напад во последниот период во региниот погоден од етничко и џихадистичко насилство.

Нападите на селата Огасагу и Велингара се случиле во време на посетата на мисијата на Советот за безбедност при Обединетите нации, чијашто цел е да се изнајде решение за насилството коешто минатата година однесе стотици животи и се шири по западноафриканската област Сахел.

Мулаје Гуиндо, градоначалник на градот Банкаса, рекол дека вооружени мажи, облечени во традиционална ловечка носија Донзо, го опколиле Огасагу во 4 часот утрото по локално време. „Припадниците на жандармеријата и натаму ги бројат мртвите, а засега нашле 110 тела“, рекол Гуиндо.

Додал дека е нападнато и блиското село на народот Фула – Велингара, каде што, исто така, е забележан голем број мртви, но сѐ уште не се знае колку. Меѓу убиените се и трудни жени, деца и постари лица, објавија безбедносни извори.

Еден од жителите на селото Огасагу во разговор за Reuters рекол оти смета дека станува збор за одмазда за нападот на огранокот на Ал Каеда кој ја презема одговорноста за нападот во петокот во кој загинаа 23 војници а кој пак според соопштението на оваа групација бил одмазда за насилството кое војската на Мали го сторила над припадниците на племето Фула.

Џихадистичките групации поврзани со Ал Каеда и Исламската држава изминатите години ги користат етничките тензии во Мали и во соседните Буркина Фасо и Нигер за да регрутираат борци во своите редови и воспоставување контрола над голема територија којашто практично никој не ја владее.

Француската армија интервенираше во 2013 година во Мали, поранешна колонија на Франција, за да го сопре напредувањето на џихадистите од пустинските области кон северот на земјата. Меѓутоа, бунтовниците од тогаш повторно зајакнаа и ја зголемија својата присутност во централните региони на Мали и во соседните држави. Околу 4.500 француски војници и натаму се наоѓаат во Сахел, повеќето од нив во Мали. Неколку стотици војници во регионот имаат распоредено и САД.

Претставниците на Советот за безбедност при ОН во петокот се состанаа со претседатечлот на Мали, Бубакар Кеита, како и со другите претставници на властите, за да разговараат за насислтвоото и постепената имплементација на мировниот договори од 2015 година со вооружените групации кои не се исламистички.