Најмалку 25 загинати во излетување на автобус во амбис во Боливија

Најмалку 25 лица загинаа а уште 24 се повредени при пад на автобуст во провалија во Боливија, во најтешката сообраќајна несреќа
од почетокот на годинава, објавија локалните власти во понеделникот.

„Ги извлекуваме телата, засега знаеме дека 25 лица загинале, а 24 се повредени и се префрлени во болниците“, изјавил за
боливиската новинска агенција ANP, началникот на локалната полиција и додал дека е можно бројот на жртвите да биде зголемен.

Возачот на автобусот се обидел да прејде камион, но не успеал да го задржи под контрола управувачот, па возилото паднало од
височина од 300 метри, рекле полициски извори за телевизијата ABI, посочувајќи дека станува збор за првични сознанија од
истрагата.

Началникот на боливиската полиција Јури Калдерон на прес-конференција ги потврдил информациите за причините за несреќата
којашто се случила ноќта меѓу неделата и понеделникот по локално време, на 90 километри од главниот град Ла Паз на патот кон
Реренабаке во боливиска Амазонија.

Станува збор за најтешката сообраќајна несреќа од почетокот на годинава. Во текот на викендот на 19-ти и 20-ти јануари 22 лица
загинаа во директен удар и 12 при пад на автобус во провалија, а на 18-ти февруари се судрија автобус и камион при што загинаа
24 луѓе.

Автобуските несреќи се доста чести во Боливија. Причините се најчесто лошите состојби на возилата или човечкиот фактор. Покрај
тоа, многу патишта се преполни со серпентини и се на големи надморски височини. Во Боливија се наоѓа и ткн Патот на смртта, кој
минува низ планинските предели и е познат како најопасниот пат во светот.