Најмалку 34 удавени во морето крај Либија

Via twitter @cpcatrambone (Moas)

Најмалку 34 лица, меѓу кои деца, се удавиле откако паднале од пренатрупано пловило во морето крај Либија, каде што владеат напнатости меѓу хуманитарните активисти и либиската крајбрежна стража.

Либиската крајбрежна стража којашто ја координира помошта во споменатата област, квечерината во средата од морето извлекла 34 тела, меѓу кои десетина детски.

Повеќе стотици имигранти имало на дрвениот чун околу 100 километри западно од Триполи. Додека екипите за помош делеле појаси за спасување, многу од имигрантите паднале во морето.

Via twitter @cpcatrambone (Moas)
Via twitter @cpcatrambone (Moas)

Со помош на брод на италијанската крајбрежна стража и неколку трговски бродови кои пловеле во близина спасени се повеќе десетици преживеани. Воен авион исфрлал чамци за спасување, а хеликоптер ја надлетувал областа во потрага по преживеани.

Повеќе од 150 имигранти се водат како исчезнати по бродоломот на гумен чамец во петокот, според сведочењата на имигранти од друг чамец кој од морето успеал да извлече четворица преживеани.

Од почетокот на 2017 година во Средоземното Море животите ги загубиле или исчезнале 1.254 лица, според податоците на Меѓународната организација за миграции (OIM). Во Италија пристигнале повеќе од 50.000 имигранти, а на секои 37 пристигнати еден смртно настрадал.

Петнаесетина операции за помош се одвиваа во средата во близина на бреговите на Либија, прецизираше италијанската крајбрежна стража. Во вторникот тие координираа акции за помош за околу 1.500 имигранти кои се упатиле кон Италија, додека нивните либиски колеги пресретнале повеќе од 350 имигранти, од кои десетина Либијци, кои се вратени во нивната земја.

Меѓутоа, невладините организации Jugend Rettet и SOS Mediterrane остро ја критикуваат интервенцијата на либиската крајбрежна стража, којашто ја обучува и опремува Европската унија во обидот да го ограничи приливот на имигрантите. Според овие организации, чиишто бродови пловат во меѓународните води, либиската крајбрежна стража на сила вратиле два брода.

Пред две седмици германската невладина организација Sea-Watch, предупреди на слична интервенција на либиската крајбрежна стража на голем дрвен брод со 450 имигранти.

Активистите за човекови права, агенцијата на ОН за бегалци и германската влада сметаат дека имигрантите не би требало да бидат враќани во Либија каде се изложени на изнуди, насилство, силувања, измачувања и убиства.