Најмалку 40 конзервативни пратеници би гласале против брегзитот

Најмалку четириесет пратеници на Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј се подготвени да гласаат против можниот договор за брегзитот, доколку Велика Британија „половина излезе, а половина остане“ во Европската унија, изјави претставник на партијата.

„Мојата процена е дека таму најмалку четириесет колеги не би прифатиле решение ’половина внатре, половина надвор’ или заштитен механизам кој би нé оставил во внатрешниот пазар и царинската унија. Колегите нема да толериран брегзит половина внатре, половина надвор“, изјави за BBC конзервативецот Стив Бејкер.

Бејкер своевремено во владата на Тереза Меј ја вршеше должноста заменик министер за брегзитот, а поднесе оставка протестирајќи на тој начин против предлозите на премиерката за начините на британското напуштање на ЕУ.

Доколку Меј успее да осигури договор со Европската унија, тој би морал да биде одобрен од британскиот парламент, а би требало да го поддржат најмалку 320 пратеници. Доколку нејзините 40 пратеници гласаат против можниот договор, судбината на владата и процесот на истапување од Унијата ќе зависат од опозициската Лабуристичка партија, којашто истакна дека ќе гласа против секој договор кој може да го обезбеди премиерката.

Обединетото Кралство треба да ја напушти Европската унија на вечерта на 29-ти март 2019 година, но сé уште тамошната јавност е поделена поради несогласувањата околу брегзитот. Приврзаниците на членството во ЕУ повикуваат на уште еден референдум, а многумина од поборниците за излегувањето сметаат дека Меј е многу преслаба во преговорите за истапувањето. Тереза Меј ги изнесе своите предлози за излегувањето од Унијата ткн план Chequers deal, наречен според селската куќа на премиерката во која за нив се расправаше во јули, а тие предвидуваат слободна трговија со Европската унија и усвојување заеднички правилник со кој таа би се регулирала. Приврзаниците на ткн тотален брегзит сметаат дека тоа ќе доведе одлуките важни за Велика Британија да се носат и натаму во Брисел.