Најмладата припадничка на женска терористичка ќелија осудена на доживотен затвор

Најмладата членка на британска терористичка ќелија којашто ја сочинувале исклучиво жени, е осудена во петокот на доживотен затвор со минимално отслужени 13 години, поради планирање напади во Лондон заедно со нејзината сестра и мајка.

Осумнаесетгодишната Сафаа Булар започнала да ги планира нападите во Велика Британија откако била спречена во нејзините настојувања да му се придружи на еден борец на ултрарадикалното сунитско движење Исламска држава во Сирија, соопшти полицијата.

„Сите ти жени биле полни со омраза и отровна идеологија и решителни да изведат терористички напад. Доколку успеале, тоа би довело до гинење на луѓе или сериозни ранувања, изјави заменикот помошник на началникот на полицијата Дин Хједон висок национален противтерористички координатор во британската полиција.

Полицајци на тајна задача ги снимиле телефонските разговори меѓу трите жени во коишто зборувале за напад како „чајанка“ и ги следеле мајката и сестрата додека се возеле во центарот на Лондон во април 2017 година, за што полицијата верува дека била операција на извидување на веројатните цели. Следниот ден двојката отишла во самопослуга во квартот Вандсворт во југозападен Лондон каде што купиле пакувања од три кујнски ножеви.

Пред два месеца, сестрата 22-годишната Ризлаин Булар доби казна доживотен затвор со минимално отслужени 16 години на централниот кривичен суд во Англија и Велс, Олд Бејли, додека 44-годишата мајка Мина Диш доби продолжување на казната од 11 години и девет месеци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.