Најмногу пари на жител имаат Швајцарија, Лихтенштајн и Норвешка

Просечната годишна куповна моќ на жителите во 42 земји на ЕУ изнесува 13.112 евра, што е за еден отсто повеќе отколку пред една година, кога изнесувала 12.890 евра. Ова го покажа најновата студија „Kуповната моќ во Европа 2013/2014“ на глобалната истражувачка компанија ГФK, пишува Дневник.

На Европејците годинава им се на располагање 8.830 милијарди евра, но по куповната моќ големи се разликите меѓу регионите и земјите, пренесе весникот „Фигаро“.

Во студијата куповната моќ означува номинални расположливи примања без даноци и социјални придонеси, а со трансфери, и се пресметува на жител во евра и во индексни поени.

Вкупната сума на куповна моќ според студијата на ГФK, населението ги троши на фиксни издатоци, станарини, греење, данок, на лична потрошувачка и други издатоци, како одмор или превоз.

Меѓу 42. земји што беа предмет на истражувањето, на прво место како и лани е Лихтенштајн, каде што годишната куповна моќ на жител е 54.840 евра, следуваат Швајцарија, која исто така ја задржа ланската позиција со 37.153 евра, а на трето место како и лани е Норвешка со 30.560 евра. На четврто место и натаму е Луксембург со 28.851 евро, а на петтото е Данска со 22.044 евра, која напредуваше за два места во споредба со претходната година.

На шесто место е Австрија со 21.891 евро, Германија е седма со 21.579, која исто така напредуваше за едно место во споредба со лани. На осмо место е Шведска со 21.230 евра, Франција е деветта со 19.643 евра и на десеттото место е Финска со 19.379 евра.

На годинашнава листа најмногу напредуваа Данска, за две места, а за едно место напредуваа Германија, Велика Британија, Малта, Литванија, Естонија, Хрватска, БиХ, Македонија и Белорусија. Најмногу назадуваше Албанија, која падна за четири места, Шведска на годинашнава листа падна за три места, Чешка за две, а Белгија, Турција и Kипар за едно место.