Најниска стапка на наталитет во Кина во последните 70 години

Наталитетот во Кина минатата година бил најнизок во последните 70 години, покажуваат службените податоци, откако ублажувањето на строгата популациска политика очевидно не ги охрабри двојките да имаат повеќе деца.

Стапката на наталитетот изнесувала 10,94 на илјада жители, што е најниско од 1949 година и помалку од 12,43 во 2017 година, покажуваат податоците на кинескиот Завод за статистика.

Бројот на бебиња родени во 2018 година се намалил за два милиона, достигнувајќи вкупно 15,23 милиони.

Стапката на природен прираст (разликата меѓу бројот на родени и бројот на починати), исто така, е најниска од периодот на големото гладување во 60-те години од 20. век.

Кина во 2016 година им дозволи на градските двојки да имаат две деца, укинувајќи ја политиката на „едно дете“, воведена во 1979 година. Мотивот на политичарите беше намалената стапка на наталитет и брзото стареење на населението.

Овој месец еден државен институт предупреди дека населението на втората најголема економија во светот би можело до 2027 година да почне да се намалува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.