Најтежок пораз на Челзи во три децении, Агуеро се израмни со Ширер

Во дербито на 27-то коло од англиското фудбалско првенство, актуелниот шампион Манчестер Сити го декласираше Челзи со 6:0, со што беа надминати некои постигнувања во англискиот фудбал кои траеја повеќе децении.

Ова е рекордна победа за Манчестер Сити над Челзи, а досегашната беше остварена во ноември 1977 година со победата од 6:2. „Граѓаните“ со оваа победа им возвратија на „Сините“ за првенствениот пораз од 0:6 во ктомври 2007 година, а воедно ова беше најтешкиот пораз на Челзи во сите натпреварувања од 1991 година кога загубија од Нотингем Форест со 0:7.

Сити фантастично го отвори мечот и по 25 минути водеше со 4:0, со головите на Рахим Стерлинг во 4, Серхио Агуеро во 13 и 19 и на Илкај Гиндоган во 25 минута. Агуеро во 56 минута постигна погодок и од пенал, а до крајот на мечот меѓу стрелците уште еднаш се впиша и Стерлинг во 80 минута. За Агуеро ова беше 11-ти „хет-трик“ во Премиер лигата, со што се израмни со рекордерот Алан Ширер.

Во претходно одиграниот меч Тотенхем го победи Лестер Сити со 3:1, постигнувајќи на четвртата последователна победа. Домашните поведоа во 33 минута со голот на Давинсон Санчез, а гостите во 60 минута можеа да израмнат, но Џејми Варди не реализираше пенал, неговиот удар го запре Уго Љорис. Само три минути подоцна Кристијан Ериксен со одличен удар од 18 метри зголеми на 2:0, а Варди намали во 76 минута. Сите дилеми околу победникот ги разреши Сон Хуенг-мин со голот во првата минута од судиското продолжение.

Манчестер Сити повторно го презема водството поради подобрата гол-разлика од Ливерпул, и двете екипи имаат по 65 бодови, но Сити има меч повеќе. Тотенхем е на третото место со 60 бодови, Манчесте Јунајетед е четврти со 51 бод, а следат Арсенал и Челзи со по 50 бодови. Лестер Сити, пак, е 12-ти со 32 бода.

Во понеделник колото го затвораат Вулверхемптон и Њукасл Јунајтед.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.