Најтоплото австралиско лето собори 200 климатолошки рекорди

Повеќе од 200 екстремни временски рекорди се соборени во Австралија во најтоплото лето од почетокот на бележењето на метеоролошките податоци.

Во текот на ова лето во Австралија од декември до февруари забележани се рекордни горештини и другите разорни климатолошки појави, објави организацијата за заштита на животната средина Climate Council со седиште во Сиднеј.

Во само 90 дена забепежани се 206 соборени температурни рекорди ширум Австралија. „Летото го одбележаа долгите топлотни бранови кои го опфатија целиот континент, жешките денови, сушата на истокот на Австралија и пожарите ширум Австралија“, се наведува во извештајот.

Пожарите избувнувале многу порано од вообичаениот период, траеле подолго и гореле во подрачја кои не се подложни на пожари, како што се недопрените прашуми во Тасманија и во Квинсленд. Предизвикана е ненадомеслива штета од силните врнежи и поплави кои го погодиле северниот дел на Квинсленд кон крајот на јануари и почетокот на февруари.

„Рекордното лето беше толку топло што овошките се сваруваа уште додека беа на дрвјата. Во Мелбурн, на тенискиот турнир Отворено првенство на Австралија, се одложуваа натпреварите поради високите температури. Австралиското лето вообичаено се поврзува со одморот, скари на отворено и долги денови на плажите. Но температурите кои на места достигнуваа и до 50 Целзиусови степени го претворија летото во мачно годишно време“, вели Аманда Меккензи од Climate Council.

Австралиското најжешко лето е уште еден пример за последиците од климатските промени, додава Меккензи и порачува дека австралиските власти би требало да ги заштитат луѓето со престанување на употребата на фосилните горива на минува на обновливите извори на енергија.

Рекордно високите температури забележани се на 87 локации, а на 96 се регистрирани најмалку летни врнежи од почетокот на ваквите мерења. Во главниот град Канбера забележано е досега најтоплото лето со 24 денови во коишто температурата на воздухот била 35 или повеќе Целзиусови степени, што е пет пати повеќе од летниот просек.

Аеродромот во Порт Аугустa на југот од Австралија ја регистрирал највисоката температура ова лето којашто достигнала 49,5 степени на 24-ти јануари, Највисоката температура во декември е забележана, пак, во Марбл Бар, на западот од Австралија, на 27-ми декември кога се измерени 49,3 степени. На тоа подрачје темепратура над 45 Целзиусови степени е забележана 32 летни дена.

Во градот Таунсвил во северен Квинсленд во текот на десет дена регистрирани се 1.257 милиметри дожд, со што е урнат претходниот рекорд за повеќе од 330 милиметри. Според националната метеоролошка служба просечната летна температура била 2,14 Целзиусови степени над просекот.