НАкС повикаа на бојкот на денешните избори за ректор на УКИМ

Независниот академски синдикат (НАкС) ги повика колегите од академската заедница на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) да не учествуваат на изборите за ректор на Универзитетот, посочувајќи дека бројните неправилности во изборната постапка ја загрозуваат демократијата на УКИМ.

„Ги повикуваме нашите колеги, професорите и студентите, да не учествуваат на утрешните избори и да одбијат да бидат дел од незаконскиот и недемократски начин за избор на ректор. Со тоа, академското јадро на УКИМ ќе покаже вистинска грижа и подготвеност да се бори против злоупотребата на функциите и процедурите, особено кога тоа доаѓа од сопствената средина. Свесни
за можните притисоци и закани со последици, особено врз помладиот универитетски кадар и студентите, ги потсетуваме оние кои сепак ќе се решат да се појават на утрешните избори дека секогаш можат своето несогласување со ваквиот процес, подеднакво јасно и недвосмислено да го изразат и на гласачкото ливче“, соопштија од НАкС.

Вчера тројца кандидати за ректор најавија дека нема да учествуваат во изборите поради тоа што не сакаат да даваат легитимитет на процесот, кој го нарекоа нетранспарентен, необјективен и недемократски. Тие до УКИМ поднесоа барање нивните кандидатури да се стават во мирување.

Од Универзитетската изборна комисија, пак, одлучи дека тројцата кандидати и понатаму ќе се најдат на гласачкото ливче, поради тоа што законски и статутарно не било предвидено мирување на кандидатурите за ректор.

Пред три дена од НАкС соопштија дека ќе поднесат претставки против организаторите на, како што рекоа, противзаконските избори за ректор на УКИМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.