Намален државниот долг за 3,9 процентни поени

Државниот долг заблежа намалување од 3,9 процентни поени. Денешните податоци покажуваат дека тој се спушти на ниво од 52 проценти од БДП во однос на 30 јуни.2021, кога беше на ниво од 55,9 проценти. Значајно е тоа што средствата што беа обезбедени на меѓународниот пазар на капитал во изминатиот период се со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто, информираат од Министерството за финансии (МФ).

Според МФ, намалувањето на државниот долг се должи, пред сѐ, на раздолжувањето на еврообврзницата во износ од 500 милиони евра во јули годинава. Ова раздолжување ќе влијае и на намaлување на состојбата на јавниот долг, што ќе биде евидентирано со податоците објавени за нивото на јавниот долг заклучно со третиот квартал. Согласно со утврдената динамика, Министерството за финансии објавува податоци за јавниот долг на квартално ниво.

„Кризата предизвикана од ковид-19 и справување со последиците влијаеше на зголемување на долгот во скоро сите земји, вклучително и во нашата. Државниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 51,2 отсто од БДП, во првиот квартал на 2021 се зголеми на 54,1 отсто, во вториот квартал на 55,9 отсто и на 31 јули 2021 година тој се спушти на ниво од 52 проценти. На промените на државниот долг влијаеја и повлекувањето на средства од склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, задолжување со државни хартии од вредност, како и отплата на обврски по основ на главнина на надворешен долг“, се наведува во соопштението.

Министерството за финансии цврсто стои на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво од 60 отсто од БДП што е во рамки на мастришкиот критериум, кој инаку е привремено суспендиран во Европската Унија, поради пандемиската рецесија.

„На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 отсто. Ова ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит и од друга страна преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од којашто полесно ќе може да се сервисира долгот што доспева“, велат од Министерството за финансии.