Намалени цените на буковото огревно дрво за 10 и 15 отсто

ЈП „Македонски шуми“ ги намали цените на буковото огревно дрво за 10 отсто за сите физички лица и за 15 проценти за корисниците на социјална помош.

Оваа одлука ќе важи до 30 септември годинава, а е донесена, како што соопшти претпријатието, за да им се излезе в пресрет на граѓаните, особено на ранливите категории.

Новата цена на буковото огревно дрво со попуст од 10 отсто изнесува 2133,60 денари за метар кубен, а цената за лица корисници на социјална помош со 15 отсто попуст е 2015,03 денари.

Овие цени важат само за купување во складовите на ЈП „Македонски шуми“.

Претпријатието денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе соопшти детали за оваа одлука.

Премиерот Никола Груевски вчера изјави дека Владата одлучила повторно да им излезе во пресрет на посиромашните граѓани и на социјално ранливите групи и ја намалила цената на буковото огревно дрво.

„За луѓето кои живеат во градови можеби тоа не значи ништо и е безначајна мерка за нив, но за оние што се греат на дрво и живеат во порурални места, а некои од нив и во градови, знам дека ќе им значи многу“, рече премиерот Груевски.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.