Намалувањето на загаденоста на воздухот Србија ќе ја чини 2,4 милијарди евра

25

Српското Министерство за животна средина процени дека намалувањето на загадувањето на воздухот Србија ќе ја чини 2,4 милијарди евра.

Предлози за решавање на проблемот се забрана на увозот на половни автомобили и преминување на други извори на енергија наместо јаглен и мазут.

-Во Србија годишно се увезуваат околу 150.000 половни автомобили, што дополнително го загадуваат воздухот. Ние сакаме до крајот на оваа или 2021 година да го забраниме увозот на возила со евро 3 мотори, како и во Европа. Мора да се одлучиме дали ќе возиме евтини автомобили или ќе дишеме почист воздух, изјави министерот за животна средина Горан Триван.

Тој наведе дека намалувањето на загадувањето на воздухот ќе ја чини Србија 2,4 милијарди евра и дека проблемот со загадувањето на воздухот „што најмногу го предизвикува сообраќајот, а потоа и влијанието на другите извори кои користат фосилни горива, мазут и јаглен“, мора да го решат локалните власти.

Триван најави дека затоа овој месец ќе се започне со проверка дали градовите и општините имаат направено планови за намалување на загадувањето на воздухот на нивните територии.

Во најновиот извештај на Агенцијата за заштита на животната средина се наведува дека 57 проценти од загадувачите на воздухот доаѓаат од топланите со сила помала од 50 мегавати и од индивидуалните ложишта, како резултат на греењето.

Министерството ги означи топлинските капацитети на Електростопанството на Србија (ЕПС) како загадувачи, бидејќи меѓу десетте европски термоцентрали кои го користат јагленот, четири се српски – Костолац Б, Никола Тесла А, Никола Тесла Б и Костолац А.

Предлог за решение на проблемот е и префрлањето на топланите на други извори на енергија, како што е гасот или биомасата, каде што покрај еколошко би имало и економски ефект, изјави Триван.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, главниот град на Србија утрово освана како еден од најзагадените градови во светот. Од друга страна, во Србија, Косјериќ е најзагаден, со индекс на загадување од 190, со што во Србија е во црвениот индекс.

Белград со индекс на загаденост од 160 според податоците на мерните станици, го завзеде 13-то место меѓу престолнините во 95 земји во светот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.