Од намалувањето на казните најголем бенефит ќе имаат помалите фирми

Од денес драстично помали казни за фирми

Од нивелирањето на казните најголем бенефит ќе имаат помалите фирми. Владата досега усогласила вкупно 106 закони со законот за прекршоци кој предвидува помали казни за компаниите. Овие закони веќе влегуваат во собраниски процедури.

Само на последната владина седница биле усогласени вкупно 78 закони, а претходно уште нови 28 закони од различни области како финансии, економија, труд и социјална политика, земјоделие и други.

Од ваквите законски решенија, најголем бенефит ќе имаат помалите фирми. Со измените во законот за прекршоци казните кои важеа досега драстично се намалуваат или во просек за два до четири пати, кај најмалите фирми намалувањето ќе изнесува од пет до седум пати. Во иднина ниту една фирма нема да плаќа казна во полн износ.

Казните ќе се одредуваат врз основа на три критериуми

Како што и претходно беше најавено, согласно Законот за прекршоци, казните ќе  се одредуваат врз основа на три критериуми – големината на фирмата, односно вкупниот приход, бројот на вработени и претходното поведение.

Нивелирањето на казните согласно економската моќ на компаниите беше едно од ветувањата во предизборната кампања, но и барањата на бизнис коморите во земјава.


Премиерот Груевски даде ветување на 06.04.2014 дека во иднина казните ќе бидат нивелирани според економската моќ на субјектот.

Бизнис заедницата позитивно се изјасни за намалувањето на казните

Иницијативата на ССК за намалување на казните кои беа закана за опстојувањето на бизнисите е дел од мерките за унапредување на деловното опкружување доставени до Владата на Република Македонија во 2013 година, соопшти ССК непосредно откако во Собранието беа изгласани измените на Законот за прекршоци.

Со измените во Законот за прекршоци, покрај промените во намалување на глобите се предвидува и воведување можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата во насока на отстранување на недостатоците. Веруваме дека измените на Законите за прекршоци, за општа управна постапка и за парнична постапка, што ги донесе Собранието со двотретинско мнозинство, во многу елементи ќе ги подобрат условите за работа на стопанските субјекти, изјави тогаш Данела Арсовска, претседател на ССК.

Со воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите, како вкупни приходи, број на вработени, како и примена на информативна, едукативна, па дури потоа санкциона функција ССК сметаат дека во голема мера компаниите ќе чувствуваат помал притисок при спроведување на одредени законски процедури.

 

Драстичното намалување на казните беше изгласано кон крајот на минатиот месец. За ова повеќе прочитајте на следниот линк.