Наместо да кажува лаги, Весковски да каже каде завршија 300.000 евра

Весковски наместо да дава лажни ветувања, нека каже во чиј џеб заврши профитот од наместениот тендер од 300.000 евра?! Четири години СДСМ е власт во 95% од општините, а 5 години власт на централно ниво. И веќе 5 години цела држава е во застој, ништо од тоа што го ветија пред 5 односно 4 години не го реализираа. Зошто да им верува некој сега?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДСМ може да ветува и вселенски бродови, како што ветуваше Шилегов тунели под Кале, но народот веќе не им верува.

Би било многу подобро доколку наместо лаги, Весковски излезеше пред карпошани со признание зошто ги злоупотребил нивните пари за со Шилегов да наместат тендер од 300.000 евра, и притоа погледнато по ставки го преплатиле изведувачот. Споредено со минатите години, услугите се преплаќани и до 8 пати повеќе.

Каде завршила разликата од дури 8 пати? Во чии џебови завршил профитот?

ЈО наместо да молчи да почне да си ја заработува платата која ја добиваат од граѓаните и да утврди одговорност за тендерот од 300.000 евра кој го распиша Душко Весковски 2 месеци откако фирмата која го добила ги завршила градежните работи, стои во соопштението од партијата.

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од редовите на СДСМ и коалицијата Душко Весковски денеска ја презентираше поенти од програмата по повод отпочнувањето на кампањата за престојните локални избори 2021.
Во видеообраќање кандидатот за градоначалник Весковски нагласува дека нивната визија за наредните четири години е Карпош да се развие во општина со највисок степен на дигитализација на јавните услуги, со хумана и планска урбанизација што го штити јавниот интерес, ја почитува приватната сопственост и придонесува за економскиот развој, со највисок процент на зелени површини во Градот и Републиката, со чисти улици по кои ќе се движат повеќе велосипеди, а помалку автомобили, со развиена социјална и културна инфраструктура.

– Сакам да ве уверам дека нашата визија за Лептокарија, за Млечен, за Делфинa, за мултиетничко Нерези, за Карпош 1, 2 и 3, за новиот парк во Карпош 4, за планската урбанизација кон Злокуќани и Бардовци, за романтично Тафталиџе 1 и 2, за Козле, Трнодол и Жданец, можеме заеднички да ја оствариме, со вас. Подготвен сум во овој предизвик да го вградам целокупното досегашно мое лично, политичко, но пред сѐ, професионално знаење и искуство, вели Весковски во видеообраќањето.