Наместо најстабилен, Законот за работни односи стана најменуван

Која како партија дојде на власт, како еден од приоритетите си го поставува менувањето на законот за работни односи, ЗРО. И постојано со објаснување дека нешто во него е нејасно и непрецизно, па мора да се доработува. Така е и сега. Додека во западните земји работните закони многу ретко се менуваат, во Македонија, повеќе од 20 пати целосно менуваниот или дополнуван ЗРО за само неколку години, повторно е во фаза на менување. Владата подготвува измени веќе неколку месеци, а се најавува нивно стапување во сила од почетокот на следната година.

Надлежните се правдаат дека ги прават промените во ЗРО во интерес и на работодавците и на работниците, а поради потребата од поголема флексибилност на пазарот, фаќање чекор со промените во економските прилики, во развојот на технологиите (?)… Но, и покрај измените ставени на хартија, во практика, никако економијата да тргне напред.

Дека повторно и сега се потребни промени во трудовото законодавство, особено на ЗРО, сметаат и од Организацијата на работодавачи.

– Работните односи не се едноставна тема. Факт е дека ЗРО е менуван многупати, но постојано се менуваат и условите на пазарот, кои од првата верзија на законот имаат претрпено драстични промени. Со појавата на новите технологии се појавија и нови неформални вработувања и нови работни места. Треба да се обидеме да изградиме компромис меѓу флесибилноста и сигурноста на работните места“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи. Според него, недоследности во законот има во делот на заштитните категории на лица, неформалната вработеност, на договорите за дело, прикриените работни односи, дефинициите за дежурства, одредбите на годишните одмори, заштитата при отказот и слично.

 

А, за потсетување, во изминатите десетина години промените во ЗРО значеа : намалување на времетраењето на паричен надоместок за технолошки вишок од  5 години на 18 месеци; прогласување технолошки вишок без право на приоритет при вработување; намалување на деновите на годишниот одмор; укинување на правото на паричен надомест до пензионирање, за жени на 57 години и за мажи на 59 години…Па, СДСМ во времето кога беше опозиција ветуваше дека сите тие неправди ќе ги смени во интерес на вработените и дека ќе врати повеќе претходни решенија, ќе изврши ревизија на системот за пензинирање, на правото на инвалидска пензија…

Со еден збор, последнава Влада на СДСМ најавуваше враќање и унапредување на сите работни права кои претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги укина. И обратно, сега опозициската ВМРО ДПМНЕ, во предизборниов период, најавува дека ако дојде на власт, ќе ги зголеми укинатите права на работниците што ги воведе СДСМ… и така тече приказната околу ЗРО со години наназад.

Според Реџеп Исмаил Хактан од „Левица“, постои правна несигурност во законодавниот систем, како директна последица на пречесто менување на основните закони.

„Во Македонија, посебно во трдовото право, постои проблемот на т.н. правна инфлација. Односно, презаситеност на системот со правни норми. И во тој хаос на обемни и нејасни законски акт и не може да се снајде дури ни специјализиран адвокат за трудово право, а не пак обичен работник. Најголем проблем е што, при носењето на законите не се земаат в предвид социо-економските услови во кои треба да се спроведуваат тие акти. Не помал проблем е самата имплементацијата на законите, посебно во доменот на работните односи, каде институциите се на најниско ниво во однос на нивниот капацитет. Покрај слабиот капацитет и немањето соодветни надлежности на трудовиот инспекторат тука е и проблемот со корумпирани трудови инспектори и лесно поткупливи судии“, вели Хактан.

Тој додава дека извршната власт, социјалниот дијалог го користи само како фарса за дополнителна либерализација на пазарот на труд која се карактеризира со систематско кастрење на работничките права и можност за дополнителна експлоатација на работниците од страна на работодавачите.

„На крај, македонскиот работник се соочува со немање елементарен пристап до правдата поради недостиг на материјални средства, што се коси и со Европската конвенција за човекови права. Многу работници не ни помислуваат да тужат, затоа што судството ни е најскапо во Европа. Во ваквите околности џабе ви се законски загарантирните права, кога немате пари да пристапите до судот за тие права да си ги заштитите. Отука, „Левица“ смета дека работниците наместо да преговараат во социјалниот дијалог и да бараат од владата нешто што никогаш нема да го добијат,  политички да се организираат и да атакуваат кон преземање на извршната и на законодавна власт“, додава Хактан