Наместо уставна, Македонија – „прилагодлива“ држава

643
страшо ангеловски

Ја читам деновиве изјавата на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, која вели дека добиле осуммина „рамковно“ вработени административни службеници од Министерството за политички систем, но дека се, внимавајте, задолжени да ја „прилагодат“ систематизацијата за да ги интегрираат.

Е па, токму тоа „прилагодување“, наместо уставно и законско владеење, кое го спроведува СДСМ минативе триесеттина години е причината за она што и’ се случува на Македонија, а чија крајна цел е нејзино бришење од мапата на државите.

Имено, на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, кога завршуваше ерата на мрачниот комунизам, сите поранешни комунисти, сите припадници на КОС и УДБА, сите високи офицери на ЈНА, сите претставници на „црвената буржоазија“ се „прилагодија“ на новото време, па и дотогашната комунистичка партија ја „прилагодија“ во партија на социјалдемократијата. И, така „прилагодени“ тргнаа во уништувачката борба против се’ што е македонско, вклучително и македонската држава како национална држава на македонскиот народ.

Па така, некаде во средината на деведесеттите ги „прилагодија“ законите во еднопартискиот парламент (заради бојкотот на опозицијата), со што овозможија соработниците на УДБА, распослани низ светот, замаскирани како претставници на единственото увозно-извозно комунистичко претпријатие „Технометал – Вардар“, да станат сопственици на целиот дотогаш „општествен“, односно државен, имот што го создавале сите граѓани на државава. Така, еден грст комунистички слуги „прилагодија“ во тајкуни со милионско богатство, а околу 200.000 граѓани во невработени и социјални случаи.

Во 1995-та, прилагодливи какви што се, името на државата го „прилагодија“ во БЈРМ, знамето, како државен симбол, од шеснаесетзрачно златно сонце го „прилагодија“ во проектот на Мирослав Грчев, а Уставот, преку бришење на членот 49 го „прилагодија“ на „добрососедските“ потреби на Атина.

Во 2002-та, терористите на Ахмети ги „прилагодија“ во политичари, а неговата терористичка организација во политичка партија, за да веќе во 2004-та ја „прилагодат“ и територијалната поделба според потребите на веќе „прилагодената“ ДУИ.

И, за да не редам до бескрај, ќе скокнам до 2017-та , кога на 27 април поразот на изборите го „прилагодија“ во победа, а хаотичното собирање на скалите на собраниската сала го „прилагодија“ во собраниска седница, за чии потреби пратеникот Ферид Мухиќ го „прилагодија“ во собраниски спикер. Со тоа, уривачките шаренореволуционерни активности ги „прилагодија“ во „слобода од режимот“, а монструозните лаги како онаа за „Монструм“, во владина програма.

Во 2018-та, Референдумот, кој претставува највисок демократски чин, го „прилагодија“ во консултативна необврзувачка операција, а триесетпроцентната излезност ја „прилагодија“ во мнозинство согласно на промена на името.

И, последниве неколку години толку го интензивираа „прилагодувањето“, што успеаја да ги „прилагодат“ името на државава и македонската античка историја на грчкото „мегали“ сфаќање на демократијата и добрососедството; јазикот и средновековната историја на бугарскиот „санстефански“ сон; бугарското учество во пактот со нацистичка Германија го „прилагодија“ во бугарско администрирање со Македонија, а балистичките ѕверства во страдање на Албанците од македонскиот геноцид врз нив. Македонскиот идентитет, пак, го „прилагодија“ во три коси црти, со што го „забетонираа“ во непостоењето.

Конечно (иако има уште безброј примери на „прилагодување“ на нештата), „прилагодувајќи“ го пописот од статистичка во чисто политичка операција, се подготвуваат да ги „прилагодат“ и резултатите од пописот на веќе најавените од ДУИ повеќе од 25 проценти Албанци во државава.

И сега, откако протестите на незадоволство ги „прилагодија“ во камерна претстава, а отпорот на мнозинството од македонскиот народ го „прилагодија“ во молк, се подготвуваат да и’ го зададат завршниот удар на македонската држава „прилагодувајќи“ ја во федерација. Заради тоа, медиумските загари на Заев веќе почнуваат неговото ветување, дадено во лично име, на средбите со албанската дијаспора во Швајцарија за кантонизација и федерализација на Македонија, да го „прилагодуваат“ како прифатлива опција за државава и народот.

И бидејќи не знаат, а не стасуваат да прочитаат зашто се оддадени единствено на „лумпувањата“ со државни пари, неколку поими за работите да им станат јасни:

Зборот федерализам, според политичките енциклопедии (тоа се едни тешки, големи книги што тие никогаш не ги отвориле) има грчко потекло (foedus) и значи здружување и соработка заради постигнување заеднички цели, на инаку самостојни или автономни субјекти. Прв облик на „федерализам“ била Лигата, како здружување на самостојните градови-држави заради постигнување заеднички цели или потреби, а се формираат во последната фаза на историјата на стара Грција.

Во современото општество федерализмот како цел има воспоставување сојузна држава, која за прв пат во своето најпотполно значење се појавува во Америка со создавањето на американскиот Федерален Устав од 1787 година. Покрај САД, најпознати примери на федерација, или сојузна држава, се Швајцарија, Канада, Германија, Бразил, Руската Федерација…

Заедничко за сите нив, а и за сите примери на федерални или сојузни држави е што тие се создаваат со здружување на неколку самостојни, независни и веќе постоечки субјекти со цел добивање заедничка поголема моќ во своето постоење и делување во меѓународните односи. Тоа ќе рече, не постои пример на создавање на федерална држава преку цепење на една унитарна држава на два или повеќе дела и, меѓународното право таквата практика ниту ја познава, ниту ја прифаќа.

Сосема друг е примерот на распадот на една федерална или сојузна држава, како што е примерот со поранешната СФРЈ, кога самостојните субјекти кои по федерален принцип се здружиле во една сојузна држава заради остварување на заеднички цели и потреби, проценуваат дека повеќе не треба да делуваат според федералниот принцип и се враќаат на ниво на својата самостојност.

Ова мора да се знае пред да се почне да се пренесуваат личните ветувања на Заев за федерализација на нешто што не може да се федерализира.

Но, бидејќи согласно на практиката на СДСМ, ќе се обидат на секој начин да го „прилагодат“ мнозинството од македонскиот народ да ја прифати федерализацијата, што би бил последниот чекор кон поделба и бришење на Македонија, секој од нас е должен да си ја најде и подмачка „кубурата за лошо време“.

Зашто, полошо време од ова нема да доживееме.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.