Напаѓачот обвинет за убиство на пет лица синоќа во град во југоисточниот дел на САД е 15-годишен тинејџер, соопштија денеска локалните власти.
Тој е хоспитализиран и е во критична состојба.
„Жртвите на пукањето, што се случи во Роли, главниот град на сојузната држава Северна Каролина, се на возраст од 16 до 52 години“, изјави началничката на полицијата во градот, Естела Патерсон. Меѓу нив има и полицаец кој не бил на должност.
Мотивот на напаѓачот се уште не е познат. Надлежните не соопштуваат дали имало семејна врска меѓу насилникот и жртвите.
Според Петерсон, тинејџерот повредил и две лица – полицаец кој бил примен во болница и веќе е отпуштен, како и 59-годишен маж кој се уште е во критична состојба.
Првите истрели се слушнале нешто по 17 часот (23 часот по средноевропско време) на патеката во градот со 500.000 жители, главниот град на Северна Каролина.
Голем број припадници на полициските сили веднаш биле распоредени да го пронајдат сторителот.
Градоначалничката Мери-Ен Болдвин на прес-конференција рече дека „полицијата на Роли околу 20 часот успеала да го опколи осомничениот“.
Агенциите претходно јавија за шест смртни случаи во пукотницата.
Пукањата со смртни последици се редовна појава во САД, земјата која плаќа висока цена затоа што голем број луѓе поседуваат огнено оружје, што лесно се добива.
– Во борбата против ова зло, мораме да направиме многу повеќе, повика градоначалничката Болдвин.
Во 2021 година во САД од огнено оружје беа убиени околу 49.000 лица, додека година претходно беа застрелани 45.000, која важеше за година со најголем број жртви. Тоа е повеќе од 130 смртни случаи дневно, од кои повеќе од половината се самоубиства.