Напаѓачот во Глазгов имал психички проблеми за кои биле информирани вработените во хотелот

Вработените во хотелот во центарот на шкотски Глазгов каде што во петокот барател на азил од Судан изврши масакр по кој беше смртно застрелан од полицијата, биле предупредувани пред инциденот за веројатни психички проблеми кај него, пренесува во саботата телевизијата Sky News.

Мажот со студено оружје нападнал десетина луѓе во хотелот „Park Inn“ на улицата „Вест Џорџ“ во фреквентниот центар на Глазгов. Во хотелот се сместени баратели на азил кои ги очекуваат одлуките на британските миграциски власти по нивното барање. Осомничениот е застрелан од полицијата откако прободел повеќе лица, а во моментов се хоспитализирани уште шест лица, меѓу кои еден полицаец кој се наоѓа во критична состојба.

Според информациите на Sky News, сонародниците на Суданецот, кои исто така престојувале во хотелот, им се пожалиле на надлежните служби дека мажот се однесувал „несоодветно и чудно“. Доцна вечерта во четвртокот, околу 23 часот, вработен во одделот за миграции ги пренел таквите информации до вработените во хотелот. Во прилогот, исто така, се наведува дека само неколку минути пред масакрот, напаѓачот се јавил во миграциската служба, но засега не се познати поединости од тој разговор.

Телевизијата Sky News наведува и дека мажот претходно се жалел на животините услови во хотелот, особено на бучавата. Весникот The Times во саботата пишува дека тој, исто така, бил лут од квалитетот на храната која им била давана на братателите на азил. Весникот, исто така, појаснува дека околу 100 странски државјани кои чекаат одлука на миграциските служби биле сместени во хотелот од почетокот на пандемијата на коронавирусот.

Според очевидци двете жртви и настраданите се имигранти од Африка. Полицијата на Глазгов соопшти многу набрзо по нападот дека инцидентот не го разгледува како терористички акт.