Нападнат аеродром и воена база во близина на Полска

Руските сили утрово го нападнаа аеродромот кај градот Ивано-Франковск, потврди градоначалникот на градот Руслан Марцинкив.

– Според прелиминарните информации, експлозиите што се слушнаа утринава се од напад на аеродромот. Ве потсетувам дека целта на непријателот е да сее паника и страв, напиша Марцинкив на Фејсбук.

Градот е на околу 114 километри јужно од Лавов, каде беше погодена база што се користеше за воена обука.

Сирени за воздушен напад утрово се огласија во повеќе делови на Украина, и тоа во Житомир, западно од Киев, и во областите Тернопил, Ривне и Ивано-Гранковск на запад, како и во областа Волин на северозапад и Краматорск во источна Украина.

Осум проектили се истрелани кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност.

Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.

Нападот на воената база во близина на Полска дојде откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков вчера предупреди дека западните конвои со оружје и воена опрема за Украина Русија ги третира како „легитимни цели за напад“.

Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовји, го потврди рускиот напад врз украинскиот меѓународен центар за мир и безбедност. Тој ги повика луѓето да не објавуваат фотографии и видеа од местото на настанот.

Според портпаролот на украинската армија Антон Миронович, засега нема информации дека некој е убиен во нападот на воениот центар западно од Лавов.

Овој напад се смета за предупредување до НАТО, кој често ја користи базата како место за обука.

Лавов и неговата околина досега не биле цел на руски напади, а во градот се засолнети и бегалци и западни дипломати кои останале во Украина.